Вечерва посебен сообраќаен режим во Скопје
Посебен сообраќаен режим попладне ќе биде воведен во центарот на Скопје поради меѓународниот фудбалски натпревар меѓу репрезентациите на Република Македонија и Украина, што ќе се одржи на Националната арена „Филип Втори Македонски“ денеска со почеток во 20 часот и 45 минути во рамки на квалификациите за ЕП во фудбал.
Од причини што се очекува зголемен интензитет на сообраќајот, соопшти денеска СВР-Скопје, од страна на сообраќајната полиција ќе биде воведен посебен режим на одвивање на сообраќајот, односно од 17 часот ќе биде затворен дел од ул. „Аминта Трети“ и тоа на потегот на крстосницата со ул. „Јордан Хаџиконстантинов Џинот“ па се до фудбалскиот стадион, при што кон стадионот ќе се пропуштаат само возила со посебни пропусници.
Во попладневните часови ќе се преземаат и мерки за расчистување и дислоцирање на затекнатите возила на сообраќајниците и паркинг-просторите околу стадионот. Во периодот по 19 часот во зависност од потребите, моменталните состојби и интензитетот на сообраќајот ќе се ограничи приодот на возилата уште од бул. „Илинден“, односно кон стадионот ќе се пропуштаат возила со посебни пропусници, односно селективното пропуштање ќе биде на крстосниците на бул. „Илинден“. Во оваа прилика од сообраќајната полиција апелираат до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, а доколку дојдат на натпреварот со возило за паркирање да ги користат околните дозволени паркинг-простори.
Во сабота со почеток во 17 часот и 30 минути во СЦ „Јане Сандански“ во рамки на Купот на шампионите ќе се одигра меѓународен ракометен натпревар помеѓу РК Вардар и Рајн Некар Левен, од Германија. Со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени соодветни мерки за сообраќајно обезбедување и пренасочување на сообраќајот.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа