Приштина: Се собираат потписи за петицијата против нацрт Законот за амнестија

 

Во организација на Косовскиот институт за политички истражувања и развој денеска во Приштина почна собирање потписи за петиција против изменетиот нацрт Закон за амнестија, што во четврток ќе биде на дневен ред на Собранието на Косово.

Директорот на КИПРЕД, Илир Деда, изјави дека е последен момент да не се дозволи усвојување на Законот за амнестија, што,  како што кажа, амнестира главно дел од Владата на Косово.

-Без разлика на посветеноста на луѓето од Владата и Собранието да ги амнестираат своите кривични дела, волјата и посветеноста на граѓаните кон државниот ред и законот треба да биде уште поголема. Оваа петиција е во функција  граѓаните да се изразат дека не го сакаат законот и дека не сакаат изедначување со криминалците, рече Деда.

-Не можеме да ги затвориме очите во овој момент кога со голема брзина луѓето сакаат да се спасат од своите злоупотреби, да си ги простат своите злоупотреби и да нема заедничка борба на сите за едно подобро Косово. Да не заборавиме дека повеќето граѓани на Косово 14 години живееја чесно и не можемо да си дозволиме една група луѓе низ политиката да ја криминализира земјата, порача Деда.

Претставници на граѓанското општество во четврток, пред Собранието, на денот кога Собранието на Косово ќе  ги разгледува измените на нацрт Законот за амнестија, ќе оганизираат протест.

најчитано сега