Почна реконструкцијата на пешачката и велосипедската патека на булеварот „Илинден“
Град Скопје почна со градежните работи за реконструкција на пешачката и велосипедска патека по должината на булеварот „Илинден“, на потегот од крстосницата со улицата „Љубљанска“ до цвеќарницата кај Матично.
Со овој зафат, постојната и многу оштетена пешачка и велосипедска патека ќе се реконструира и прошири на вкупна должина од 2.300 метри. По реконструкцијата, ќе се формира пешачка патека со ширина од 2 метра и велосипедска двонасочна патека со ширина од 2,5 метри. Површината ќе се покрие со асфалт, а ќе се наместат и нови рабници. За непречен влез и излез од крстосниците, ќе се изведат рампи за непречено движење, а патеката ќе се обележи со соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација.
На реконструкција на пешачката и велосипедска патека ќе работат екипите на ЈП „Улици и патишта“. Градежните работи треба да завршат до крајот на ноември, годинава. За овој зафат Градот Скопје ќе потроши околу 8,5 милиони денари.
Оваа пешачко-велосипедска патека е дел од најавената рута 1 од обемниот проект на Град Скопје за подобрување на велосипедската инфраструктура во Скопје и за зголемување на безбедноста во сообраќајот „СКОПЈЕ ВЕЛОГРАД 2017“.
- Со проектот „СКОПЈЕ ВЕЛОГРАД 2017“ во градот ќе се оформат четири главни велосипедски рути кои ќе се протегаат во насока исток – запад и 7 конектори кои ќе се протегаат во насока север – југ и тоа: рута 1 - која ќе ги поврзе Гази Баба-Центар и Карпош, рута 2 - која ќе ги поврзе Аеродром–Центар-Карпош со Ѓорче Петров, рута 3 - која ќе ги поврзе Кисела Вода-Центар и Карпош и рута 4 – која ќе ги поврзе Бутел-Чаир со Центар, изјави градоначалникот Коце Трајановски.
Тој посочи дека со овој проект до 2017 година ќе ќе се реконструираат вкупно 51 километар велосипедски патеки.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа