За возење со над 50км/ч одземање на возачка дозвола

 

Министерот за внатрешни работи Митко Чавков и градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски денес ги разгледуваа состојбите во сообраќајот на подрачјето на градот, особено во контекст на последните неколку незгоди кои ги вознемирија граѓаните.

Чавков го информирал Трајановски дека МВР како една од институциите кои имаат голем број надлежности во однос на сообраќајот, во првите осум месеци од годинава имале засилени активности на подрачјето на Скопје.

-На дневна основа беа вршени контроли врз повеќе од 380 учесници во сообраќајот, кои резултираа со над 70 покани за глоба и приближно 15 возачи кои се исклучуваат од сообраќајот на дневно ниво. Имено, сообраќајната полиција годинава постапувајќи по планот за работа и преземените акциски контроли за санкционирање на несовесните учесници во сообраќајот контролираше над 96.000 возила и возачи што претставува зголемување за 7 проценти во однос на минатата година. Притоа во периодот од јануари до август од сообраќај беа исклучени 3.708 возачи од кои под дејство на алкохол санкционирани се 1.548 возачи, додека пак без положен возачки испит санкционирани се  1.785 возачи, вели Чавков.

Во истиот период од страна на сообраќајната полиција издадени биле и над 18.000 покани за глоба, што претставува за 15 проценти повеќе во однос на истиот период лани.

-Од извршените анализи констатирано е дека најчеста причина за случување на сообраќајни незгоди со потешки последици на подрачјето на градот Скопје е човечкиот фактор, односно брзото возење, непочитувањето на правилата за првенство на минување како и управувањето на возила под дејство на алкохол. Исто така од направените анализи како најчувствителна точка може да го издвоиме булеварот „Партизански одреди“ каде во наредниот период интензивно ќе се преземаат зајакнати мерки и контроли. Сепак безбедноста во сообраќајот зависи од повеќе фактори и мора да се констатира дека за жал годинава имаме зголемување на бројот на сообраќајни несреќи во период јануари -август годинава за 1,5 проценти во споредба со истиот период лани. Притоа од случените сообраќајни незгоди 27 се со загинати лица. Од вкупно евидентираните сообраќајки во 144 учесниците минале со тешки телесни повреди, потенцираше министерот за внатрешни работи.

Чавков додаде дека сите согледувања од сферата на сообраќајот говорат дека се неопходни натамошни, пред се нормативни измени во делокругот на полициското работење. 

-Имено со новините во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата којшто како што ви е познато е во собраниска процедура, ние предвидовме низа нови законски мерки кои одат во насока на зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Во делот на урбаните средини, меѓу другото, предложено е намалување на брзината на движење на јавен пат во населено место од 60км/ч на 50 км/ч и притоа воведено е во делот на санкциите дека за управување на возило со 50км/час над дозволената брзина ќе се изрече глоба во вредност од 400 евра или 65 негативни поени. Особено е важно што без разлика дали возачот ќе се одлучи да ја плати глобата или да впише негативни поени, за него започнува постапка пред надлежен орган за забрана за управување со возило од 6-12 месеци. Покрај ова едно од предложените решенија е и можноста што им се дава на полициските службеници за оној возач за кого ќе се утврди дека во организмот има алкохол или дека покажува знаци на алкохолно растројство и постои сомнение дека ќе продолжи со вршење на прекршокот, да биде задржан во полициска станица до отрезнување најдолго до 12 часа, објасни Чавков.

Предлог законот содржи и низа други решенија во функција на поголема безбедност и квалитет на сообраќајот. 

Министерот вели дека иако им се забележува на ригорозноста, сепак се одлучни во пристапот кон подигање на безбедноста на сообраќајот на едно високо ниво - притоа јасно демонстрирајќи дека нема никаква толеранција за алкохолизираните возачи, за неисправните возила по коловозите, за непочитувањето на прецизните сообраќајни правила и прописи. 

 

 

Оцени ја веста

25.09.2015 - 15:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега