Македонците не ги откажуваат аранжманите за Египет

Досега, ниту еден Македонец кој престојува во Египет не побарал помош од МНР или од македонската амбасада во Каиро.

Нехат Емини секретар во Амбасадата во Каиро за МИА потврдил дека засега, ниеден од македонските државјани кои живеат или туристички престојуваат не побарал помош или евакуација од земјата.

Од МНР информираат дека само една Македонка, која студирала во Холандија, се пријавила дека поради студенска размена престојува во Египет, но не побарала помош.

Од туристичките агенции кои нудат аранжмани за летување во Египет велат дека засега немаaт барања за враќање или за откажување на аранжаманите. 

Нема информации колку точно Македонци престојуваат во Египет. Дел од македонските туристи кои се заминати на одмор во земјата, заминале преку српски туристички агенции.

Од претставништвото на српската туристичка агенција „Контики“ во Скопје тврдат дека аранжманите се реализираат без проблеми и укажуваат  дека  летувалиштата каде има македонски туристи се далеку од градовите каде што има немири. 

-  Нема барања за враќања или за откажувања. Имаме аранжамани во Шарм Ел Шеик, но нема проблеми, велат од Контики. Нивната следна тура со туристи во Египет, кои треба да заминат со чартер лет од Белград е планирана за 8 јули.

Според Националната асоцијација на туристички агенции на Србија моментно во Египет има околу 2.000 туристи, но досега немало барање за враќање или за откажување на аранжаманите. Ситуацијата во египетските летувалишта Шарм Ел Шеик, Хургада, Таба и Ел Гуна, е мирна. Најатрактивните туристички дестинации во Египет се на околу 1.000 километри од Каиро.

Министерството за надворешни работи на Република Македонија останува на препораката македонските граѓани кои патуваат или планираат да патуваат за Египет да ги избегнуваат местата каде што може да има протести или масовни собири и да обрнат поголемо внимание за сопствената безбедност.

- Со оглед на последните случувања и внатрешни немири во Египет, при што повеќе градови беа зафатени со протести проследени со насилства и човечки жртви, Министерството за надворешни работи им препорачува на сите македонски граѓани кои патуваат или планираат да патуваат во оваа земја, да ги избегнуваат местата каде што може да има протести или масовни собири и да обрнат поголемо внимание за сопствената безбедност, соопшти МНР.

На македонските граѓани им се препорачува и редовно да ја следат состојбата во Египет, да го контактираат МНР за евентуални дополнителни информации, а во случај на потреба за помош, македонската Амбасада во Каиро.

Во судирите меѓу приврзаниците и противниците на соборениот египетски претседател Мохамед Морси, загинаа најмалку 30-тина лица. Египетската војска синоќа соопшти дека на досегашниот шеф на државата му е одземена власта.

Извор: МИА

најчитано сега