Ова се соросоидите од подземјето кои бараат власт без избори
„Сорос планира, урива и провоцира, а СДСМ извршува. Откако во партијата и кај соросоидите видоа дека Договорот од Пржино не ги задоволува нивните апетити, сега постојано имаат нови барања надвор од договорот и нови закани за инциденти ако тоа не се изврши, што е нова закана за македонското општество, економија и македонската држава. Или сега или никогаш Македонија треба да се реши дали политиката во државата ја водат партиите и институциите, или политичкото подземје на матни и непознати ликови придружени од корумпирани бивши политичари и неуспешни функционери на СДСМ“ анализира весникот „Вечер“
Веќе две години група луѓе кои никогаш не се појавиле на избори, туку си се избираат меѓусебе, се обидуваат да го преземат СДСМ и да освојат власт без избори. Таа група луѓе врзана во и околу Фондацијата отворено општество Сорос е предводена од долгогодишниот функционер на СДСМ Владимир Милчин, како и други функционери на СДСМ: Љубомир Фрчковски (СДСМ), Мерсел Биљали од ПДП работи во Фондацијата на Сорос, Мирослав Грчев (СДСМ) ја води НВО Плоштад Слобода, Прогрес ја води Ѓорѓи Спасов долгогодишен функционер во СДСМ и екс министер за правда, Ѓунер Исмаил (СДСМ) го води Форум ЦСИД, Лидија Димова член на извршниот одбор на СДСМ ја води НВО Македонски центар за европско образование, ЛГБТИ Центарот го води Славчо Димитров, сестрата на Радмила Шеќеринска е во Фондација Отворено општество Македонија, како и таа самата како и уредници и новинари по медиуми: Гордана Дувњак (Утрински весник) е во Управен одбор на Сорос, Биљана Бејкова (Македонско радио и Утрински весник) ја води НВО Инфо Центар, Џабир Дерала (неделник Форум) ја води невладината Цивил, Сашо Орданоски Форум, МРТВ, АлсатМ го води Центарот за истражување и безбедносни политики и Транспарентност Македонија, Слаѓана Тасева ја води Транспарентност Нулта Корупција; корисници на грантовите на Фондацијата Сорос за своите медиумскополитички ангажман: основачите на интернет Нова ТВ Биљана Секуловска и Борјан Јовановски, Предраг Петровиќ за А1он, Бранко Геровски за плусинфо и Слободен печат, Ацо Кабранов за Либертас, Саше Ивановски за Мактел, Никола Гелевски за Окно, Ленче Николовска за Бриф, Бардул Јашари е извршен директор на Метаморфозис а претходно работел во Сорос, Јадроасоцијација чии основачи се Никола Гелевски, Плоштад Слобода, Факултет за работи што не се учат и уште десетина активисти на СДСМ и невладини на Фондацијата Сорос, како и уште 20ина други формирани под капата на Фондација Сорос кои го узурпираа овој дел од цивилното општество, невладиниот сектор претворајќи го во партиска машинерија и не дозволувајќи формирање на реални невладини организации во Македонија.
Со годишен буџет од 5 милиони евра или околу 100 милиони евра потрошени од 1995 година до денес, соросоидите како моќна политичка организација која не е под јавна контрола бидејќи никогаш своите политички ставови не ги проверила на избори, учествувала во сите порази на македонската држава и македонското општество како битен фактор на поразот со трајни последици. Уште од основањето во 1995та, набрзо по формирањето на А1 ТВ со нивни пари и нивни луѓе, Фондацијата Сорос преку пропаганда и промоции ја поддржуваше транзицијата на СДСМ после која останаа над 200.000 невработени, уништени фабрики во вредност од над 3 милијарди долари и создавање олигарси како финансиери на СДСМ.
Во 1995 година нивната пропаганда и промоција ја поддржуваше продажбата на знамето и уставното име на РМ, убедувајќи ги граѓаните дека ФИРОМ е привремено решение за неколку месеци и дека нема потреба од протести и отпор, иако се покажа дека транзицијата трајно ја осакати македонската економија и општество, а продажбата на уставното име не остави надвор од ЕУ и НАТО веќе 20 години. Нивната пропаганда директно помагана и финансирана и од СДСМ придонесе до тоа речиси без отпор, како никаде на друго место во Европа, Македонија од средно развиена да стане сиромашна држава со најголема стапка на невработеност во Европа и како никаде на друго место во светот сопствената влада и Собрание на една држава, сами да се откажат од своето уставно име и да прифатат референца за назив на сопствената држава.
Фондацијата Сорос и соросоидите се политичко подземје кое делува од темнина без јавно прифатени и контролирани принципи по систем на трансвестит: наутро претставувајќи се како НВО, а навечер и ноќе работејќи како казнена експедиција на политичката партија СДСМ. Ништо друго и никаква друга штета да немаат направено соросоидите и СДСМ со нивната подземна заедничка политика, доволно е нивниот учинок во мрачната транзиција и продажбата на името и знамето, за јавноста од корен и трајно да ги исфрли од политичката сцена сите ликови кои учествувале во тоа.
Но, подземната политика на СДСМ и соросоидите не запре таму. Учествуваа во поттикнување на немири и обид за уништување на ДПА предводена од Арбен Џафери, која како прва автономна политичка партија на Албанците во Македонија се бореше против доминацијата на ПДП. Партијата ПДП инаку, на почетокот од деведесеттите беше формирана со нескриена поддршка и креација од СДСМ и нивните полициски структури. Доказ за тоа имаше уште на самиот почеток, кога одработи за СДСМ со бојкотот на првата влада на РМ и Уставот на РМ, одбивајќи да влезе во коалиција со ВМРОДПМНЕ кои победија на изборите во 1990, но не формираа своја влада по бојктот на ПДП, туку отпрво владата мораше да биде техничка, за во 1992 година, без избори СДСМ и ПДП да ја урнат техничката влада и да ја преземат власта иако не победиле на избори.
Таа подземна политика на соросоидите и СДСМ продолжи и понатаму до денденес. Тие ги подриваа и уриваа безбедносните сили на РМ во 2001 година повторно за да создадат техничка влада во која ќе влезе СДСМ, што директно придонесе до победа на УЧК во Македонија, промена на Уставот, создавање двоетничка држава и подготовка за победа на избори во наредната 2002 година.
Кога соросоидите не беа задоволни од службата на СДСМ за потреби на нивните интереси, вршеа и директни интервенции преку медиумска пропаганда и традиционалното влијание кај дипломатите за падот на Хари Костов, премиер поставен од СДСМ како и падот на Владо Бучковски и поставување на Радмила Шеќеринска и нејзините структури во врвот на партијата. И Зоран Заев, сегашниот претседател на СДСМ не е избор на партијата туку на кланот на соросоидите во СДСМ кој вршеше притисок за повлекување на Игор Ивановски од кандидатурата, маргинализирање на противкандидатот на Зоран Заев Зоран Јовановски и отстранување на десетици луѓе од врвот на партијата кои не се по вкусот на Радмила Шеќеринска.
Таа подземна политика која ја презема власта во СДСМ и сака да ја води државата без да добие поддршка на избори, последниве две години соработува со уште порадикалното балканско политичко подземје фабриката за државни удари Канвас од Белград, која речиси три години во Македонија обучува кадри на Сорос кои потоа влегуваат на битни места во СДСМ и организираат медиумски хајки, пропаганда и инциденти, немири и насилство по улиците, обидувајќи се да наметнат во јавноста чувство на несигурност, страв и колебање кое треба да донесе заклучок дека сите освен нив се лоша појава во политиката.
Фондацијата Сорос освен сопствените 5 милиони евра годишно, во соработка со дипломатски организации, менаџира уште 5 милиони евра годишно странски пари кои одат кај нивните невладини организации и медиуми и вршат организиран терор врз јавната свест и расположение. Не треба поголем доказ за стандардите на таа подземна политика, треба само да се погледнат и прочитаат нивните медиуми како Либертас, Мактел, Доказ, Слободен печат, Плусинфо… да се видат нивните активисти на улица и во јавните настапи и следат речникот и идеите на активистите на Фондацијата Сорос, кои се единица мерка за говор на омраза, вршење и поттикнување насилства, уривање на институции и формирање на “Суд на улицата“, уништување на личности и нивни семејства и нивни бизниси кои се спротивставуваат на подземната политика на Сорос и СДСМ. Без оглед на фактите и минатото, соросоидите преку ноќ за своја употреба и свои цели ќе ги бранат и употребуваат Љубе Бошковски, Љубчо Георгиевски, Велија Рамковски, Тито Петковски, Саше Ивановски….кои долго беа на нивните црни листи, но кога ќе се кренат против ВМРОДПМНЕ тие се за нив најдобрите, најчесните и спасители на Македонија.
Кога Велија Рамковски не ги употреби парите добиени од Сорос за инвестиција во А1, туку добиените 2 милиони долари (два од десетината милиони долари претходно…) ги употреби за свои бизнис и купување на пилешки батаци, соросоидите заборавија дека тој бил нивни извршител над 10 години и го прогласија за криминалец, манипулатор и арамија, па дури од Америка донесоа судска пресуда против него барајќи македонските судови да ја извршат, иако немаше законски основ за тоа. Таа подземна политика ја гледаме и денденес: Сорос планира, урива и провоцира, а СДСМ извршува. Откако во партијата и кај соросоидите видоа дека Договорот од Пржино не ги задоволува нивните апетити, сега постојано имаат нови барања надвор од договорот и нови закани за инциденти ако тоа не се изврши, што е нова закана за македонското општество, економија и македонската држава.
Или сега или никогаш Македонија треба да се реши дали политиката во државата ја водат партиите и институциите, или политичкото подземје на матни и непознати ликови придружени од корумпирани бивши политичари и неуспешни функционери на СДСМ. Од тој избор ќе зависи се понатаму, а освен македонската јавност, први кои ќе треба да изберат се членовите на СДСМ, бидејќи нивната партија е де факто заложник на соросоидите со најава дека такво заложништво и следи и на Македонија и македонските институции.
Извор: Вечер
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа