Натпреварот на Вардар ќе го поремети сообраќајот во Скопје
Посебен режим на сообраќај ќе биде воведен утре поради натпреварот Вардар - Апоел, соопшти МВР.
Од 17 часот ќе биде затворен потегот од крстосницата на улиците „Аминта III“ - „Јордан Хаџикостантинов - Џинот“ кон Националната Арена “Филип II Македонски“. Кон стадионот ќе се пропуштаат само возила со посебни пропусници.
По 18:30 часот, зависно од интензитетот на сообраќајот, ќе се ограничи приодот со возила од булеварот „Илинден“ кон стадионот. На крстосниците долж булеварот „Илинден“ ќе се врши селективно пропуштање возила кон стадионот. Во попладневните часови ќе се преземаат мерки за расчистување на сообраќајниците и паркинг просторите околу стадионот како и дислоцирање на затекнатите возила.
По повод натпреварот, навивачката група на фудбалскиот клуб „Вардар“ - “Комити“, како зборно место за своите членови го одреди платото пред соборниот храм „Св.Климент Охридски“ во 17:30 часот, од каде пеш ќе се упатат кон градскиот парк по булеварот „Св.Климент.Охридски“, лево по булевар „Илинден“, десно по улицата „Наум Наумовски - Борче“ кон фонтаната во градскиот парк. За време на движењето на навивачите ќе се преземаат мерки за физичко регулирање и пренасочување на сообраќајот.
МВР апелира сите граѓани, учесници во сообраќајот, да бидат трпеливи, да ги почитуваат правилата и прописите, да се однесуваат совесно и хумано грижејќи се за сопствената и за безбедноста на останатите учесници во сообраќајот, како и да ги паркираат возилата на дозволените паркинзи.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа