Филе се збуни и зборуваше за името на “Република Југославија“

Европскиот комесар за проширување Штефан Филе пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент инсистирал на тоа дека сите држави од регионот на Западен Балкан треба да продолжат одлучно да работат и да се движат кон ЕУ, објавува МИА.

- Процесот на проширување нема да биде завршен ако сите земји од регионот и сите народи од Западен Балкан не ги искористат придобивките од Обединета Европа, истакнал еврокомесарот.

На тема Македонија, Филе посебно инсистирал на она што досега го имаше речено за земјата, односно залагањето на Комисијата за давање датум за преговори со јасна перспектива за решавање на прашањето за името според предлозите на Метју Нимиц.

Филе ја потенцирал и потребата од целосно спроведување на договорот од 1. март меѓу политичките партии од Македонија, за разјаснување на настаните по 24 декември. Филе очекува формираната комисија да си ја заврши работата.

Кога Штефан Филе почнал да зборува за европските перспективи на Македонија, неговиот лапсус предизвикал смеа кај присутните на состанокот на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент. Наместо да ја нарече нашата држава „поранешната југословенска Република Македонија“, тој ја нарекол „поранешна југословенска република Југославија“. Секако, пренесува МИА, еврокомесарот веднаш се поправил.

- Мислам дека е време да направиме нешто во врска со прашањето за името. Време е за тоа, време е за тоа, рече Филе. Филе истакнал дека се надева на напредок за Македонија на патот кон ЕУ.

Според него, Хрватска останува да биде пример за другите земји во регионот што ја потврдува кредибилноста на процесот на проширување, односно кога земјите кандидати ги исполнуваат условите ЕУ им дава европски перспективи.

Филе најави дека во следните месеци ќе се продолжи со кредибилноста на процесот за проширување и информира дека во текот на денешниот ден Европската комисија ќе ја предложи преговарачката рамка за преговорите со Србија.

најчитано сега