Поставен камен темелник на тениско игралиште во Кисела Вода
Градоначалничката на општина Кисела Вода Билјана Беличанец Алексиќ и директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески денеска поставија камен темелник на првото тениско игралиште во општина Кисела Вода. Игралиштето е во состав на ООУ „Кузман Шапкарев“ во населбата Драчево и е дел од проектот за изградба на 120 тениски терени низ целата држава.
- Агенцијата за млади и спорт заедно со Владата на Република Македонија продолжува со реализација на капиталните проекти за изградба на спортската инфраструктура во целата држава, со цел спортот да биде достапен на сите и тој да биде приоритет во животот на младите генерации. Од капиталните проекти не е изземена ниту општината Кисела Вода, каде досега се инвестирани околу 66 милиони денари за изградба на 2 спортски сали и 2 повеќенаменски игралишта, истакна Спасески потенцирајќи дека ова е 75-то по ред тениско игралиште, кое започнува да се гради.
Тој рече дека во изминатите месеци имаат одлична динамика на реализација на проектот „120 тениски терени“, од кои 44 терени се изградени и ставени во функција, а уште 30 терени ширум земјата, се во фаза на градба и се очекува да бидат завршени во текот на летото.
Градоначалничката Беличанец-Алексиќ потсети дека во текот на минатата година населбата Црниче и селото Драчево добија повеќенеменски игралишта, како резултат на одличната соработка помеѓу општината и АМС. Потенцираше дека овој проект е еден од многуте со кои започнува прославата на 60-тиот јубилеј на општината.
Во оваа прилика таа потсети на отворањето на двете повеќенаменски игралишта кои се дел од владиниот проект ”Изградба на 100 повеќенаменски спортски игралишта“.
- Првото во ООУ „Климент Охридски“ во селото Драчево, кое овозможува услови за тренирање кошарка, мал фудбал и ракомет. Претходно, општината инвестираше во обнова на покривот на спортската сала на ова училиште, а потоа, во дворот постави и фитнес справи, со што се доби фитнес центар на отворено, па целиот комплекс се претвори во вистински спортски локалитет, достапен за секој вљубеник во спортот. Второто повеќенаменско игралиште беше отворено во дворот на ПОУ Кузман Јосифовски Питу во населбата Црниче, рече Беличанец-Алексиќ .
Тениското игралиште во населба Драчево е со димензии од околу 840 метри квадратни. Теренот ќе биде изработен од „тврда“ подлога, акрилен слој со гумиран гранулат, согласно стандардите на меѓународната тениска федерација. Ќе биде оградено и осветлено со канделабри со метал халогена сијалица. Фирмата која ќе го изведува е „Конструктор Рената“ од Скопје.
- Инвестицијата е вредна 6,2 милиони денари, а градежните работи се очекува да финализираат за нешто помалку од четири месеци, информираат од општина Кисела Вода.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа