Сарачини: Засилени контроли на угостителските објекти за време на летниот период

 

Државниот пазарен инспекторат во наредниот период ќе врши засилени контроли на угостителските објекти за почитување на работното време и на туристичките агенции за почитување на договорите и законските прописи. Покрај редовните, ќе има и вонредни контроли, а активирани се и дежурни екипи.

Целта, како што истакнаа министерот за економија Ваљон Сарачини и директорот на Државниот пазарен инспекторат Виктор Дерменџиев по денешната средба, е граѓаните да ги добијат своите права и да не се жалат. 

Дерменџиев информираше дека синоќа веќе е извршена контрола во Скопје, во угостителски објекти лоцирани на Ленинова, во Дебар Маало, Стара Чаршија и Јурумлери при  што се опфатени 25 објекти, од кои кај четири е констатирано нарушување на работното време, кои ќе бидат санкционирани. Според закон, санкцијата е изрекување привремено затворање на објектот во траење од 10 дена доколку прекршувањето е до половина час после дозволеното работно време, 20 дена ако работел објектот меѓу половина и еден час повеќе од дозволеното и 30 дена доколку работел повеќе од еден час по дозволеното работно време. Во летниот период, според закон, до 31 август угостителските објекти може да работат до еден часот по полноќ.

Инспекторатот контрола извршил и на дискотеките на отворено во Градскиот парк, при што констатирал дека само една има лиценца за работа на отворено, а дека другите ги имаат уплатено средствата и очекуваат да ја добијат лиценцата.

Покрај Скопје, како што информираа Сарачини и Дерменџиев контроли се извршени и во Штип и во други градови, а претходно контроли имало и во  Тетово, Кавадарци, Велес, Дебар...  

- Во инспекторатот реално се потребни нови вработувања бидејќи кадарот е веќе повозрасен и не може да ја врши својата работа особено не во раните утрински часови. Државниот пазарен инспектоарат треба да покрене иницијатива за ангажирање млад кадар кој ќе биде поактивен на терен, изјави министерот Сарачини.

Тој додаде дека минатата година е постапувано по 67 пријави, односно претставки од граѓани, а присилно се затворени 11 туристички агенции. Главниот проблем, вели се пријавите од граѓаните за неисполнување на договорите.

 

најчитано сега