МЗТ Скопје Аеродром поведе со 2-0 во финалето против Куманово
Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром го победија Куманово со 107:102 синоќа во драматичен дуел кој беше решен по продолжение и сега се наоѓаат на само еден чекор до одбрана на титулата.
Со три постигнати тројки во дополнителните пет минути од вкупно 19. аеродромци си обезбедија меч за титула веќе утре во својата сала.
Куманово не ја искористи предноста на домашен терен и помошта од преку пет илјади гледачи, а до првиот триумф не им помогнаа ни 11 поени разлика што ги имаше на крајот од третата четвртина (76:65).
На пет секунди до крај Караџовски погоди две слободни за Куманово и водство од 88:85. По прекршокот над Чапин, Словенецот реализираше едно слободно, намерно го промаши второто, а Симоновски прифати офанзивен скок и за само 2 секунди успеа да погоди за изедначување на 88:88 и продолжение.
Во продолжението, иако МЗТ ги немаше во составот Самарџиски, Лучиќ, Мијатовиќ и Синовец поради пет лични грешки, Симоновски повторно беше херојот за скопскиот состав. Симоновски погоди две исклучително важни тројки, Чапин додаде уште една и додека кумановци имаа проблеми со реализацијата на слободните фрлања, МЗТ знаеше да ја задржи предноста за голема победа од 107:102.
Сеад Шеховиќ кој играше константно добро за МЗТ го заврши натпреварот како најефикасен со 23 поени, 12 скокови и 7 асистенции, а носителот на победата Марко Симоновски дополни 21 поен со 2 асистенции. Одлично прво полувреме играше Данило Мијатовиќ, за на крајот да комлетира 19 поени со 8 скокови, а двоцифрени беа и Чапин со 16 поени и 9 скокови, како и Лучиќ кој додаде 10 поени.
Кај Куманово, Бранислав Џекиќ беше најпрецизен со 23 поени, сепак највпечатлив беше настапот на Луковиќ со 20 поени и 10 скокови, Костоски кој на 6 поени додаде 12 асистенции и 4 скокови, како и Димитар Караџовски кој повторно беше блиску до трипл-дабл со 14 поени, 9 скокови и 8 асистенции. Покрај нив, Вукашин Мандиќ постигна 19 поени.
По овој втор натпревар во Куманово, финалната серија од плеј-офот се сели во Скопје, каде утре ќе се одигра третата средба. На неа, МЗТ Скопје Аеродром ја има првата можност да ја освои титулата, која за скопскиот состав би била веќе четврта во последните четири години.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа