ЖРК Вардар се засили со Хрватката Човиќ
Екипата на Вардар потпиша тригодишен договор со Андреа Човиќ (21) која игра на пивотменската позиција.
Човиќ настапува за екипата на Подравка со која неодамна го освои и Купот на Хрватска, и ја осигура и титулата. Човиќ беше избрана за најдобар играч и постигна 10 гола во триумфот на Подравка во Купот.
Во иднина таа ќе биде замена за Бегоња Фернандез, која по завршувањето на договорот заминува од клубот.
„Се решивме за млада и перспективна ракометарка која допрва треба да „експлодира" и да го покаже и потврди својот квалитет. Пивотменската позиција сезонава ни беше една од дефицитарните позиции, и со својата младост веруваме дека одлично ќе се вклопи во системот на работа на Вардар и ќе внесе свој белег во следните клупски резултати, вели Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.
Човиќ која е родена во Сињ на 9 октомври 1993 година, и брзо беше „регрутирана" од Подравка, а од 2008 година е дел на тимот од Копривница. Ги мина сите младински селекции на Хрватска, а сега е на списокот на селекторот Горан Мрѓан и во сениорската репрезентација.
Освен титулите и куп трофеи со Подравка во првенството на Хрватска, Човиќ од 2009 година игра и во Лигата на шампионите. Сезонава постигна 12 гола, а најмногу, 5 токму против Вардар во Скопје.
Во 2008 година со кадетската репрезентација на Хрватска го освои златниот медал од Медитеранските игри. Со сениорките има и бронзен медал од Медитеранските игри во Мерсин, во 2013. Беше и на поширокиот список за ЕП 2014 година.
Квалитетот на Човиќ беше препознаен и од страна на ЕХФ, каде во 2013 година беше номинирана за најдобра млада ракометарка во Европа.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа