Борба на векот: Скромниот „Пак-Ман“ или лудите „Пари“

 

Ноќта помеѓу сабота и недела ќе се одржи толку очекуваната борба помеѓу Мани Пакиао и Флојд Мејведер, која многумина ја нарекуваат борба на столетието.

Мани Пакиао ќе се обиде да го сруши Флојд Мејведер, односно да му го нанесе првиот пораз во професионалната боксерска кариера и да го освои насловот во ВБО, ВБА и ВБЦ верзијата во валтер категорија.

Влезниците за овој меч беа распродадени за една минута, а кај препродавачите цената на една влезница стигнуваше до неверојатни 200 илјади долари. Боксерите од овој меч ќе заработат речиси 300 милиони долари.

Мани Пакиао досега имал 64 борби и остварил 57 победи, од кои 38 со нокаут. Филипинецот има пет порази и два нерешени исходи.

Од друга страна, Мејведер има 47 борби, нема пораз, а своите противници 26 пати ги совладал со нокаут.

Тој е најбогатиот спортист кој минатата година за само 72 минути поминати во рингот, заработи 105 милиони долари и се најде пред Кристијано Роналди и Леброн Џејмс на листата најплатени. Иако противниците го нарекоа „Убавец“, сепак тој самиот си даде прекар „Пари“. Неговото богатство се проценува на 250 милиони долари.

Пакиао важи за мирен и повлечен спортист, додека неговиот противник ја користи секоја прилика да се расфрла со пари, кои ги троши на скапи автомобили, јахти, апартмани, скапа облека.

Во една прилика Мејведер изјавил дека е поголем боксер од Мухамед Али, а дека идол му е Принц  Насим Хамед.

Дали Пакиао ќе биде првиот боксер кој успеал да ја пробие одбраната на Мејведер останува да се види ноќеска, три часа по полноќ, по европско време.

Борбата ќе се одржи во МГМ Гранд Арена во Лас Вегас.

 

 

Оцени ја веста

02.05.2015 - 13:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега