Започна втората фаза на реконструкција на регионалниот пат Тетово-Гостивар

Денеска вицепремиерот Муса Џафери присуствуваше на почетокот на втората фаза за обнова на регионалниот пат Тетово-Гостивар, настан кој се одржа на влезот во селото Долно Палчиште, во општина Боговиње.

Обновата на овој регионален патен правец со вкупна должина од околу 20 километри е еден од приоритетите на Владата.

-Околу овој пат гравитираат над 100 илјади жители и затоа е многу важно тој да се направи во целост. Иако работите започнаа пред локалните избори со ова ние покажуваме дека активностите за реконструкција и асфалтирање на овој пат продолжуваат согласно планот, рече Џафери.

Директорот на јавното претпријатие Македонија пат, Гајур Кадриу очекува работите за обнова на овој патен правец многу скоро да бидат целосно завршени. Вкупната вредност на оваа инвестиција изнесува над еден милион евра, средства што се обезбедени од буџетот на јавното претпријатие.

Стариот пат Тетово-Гостивар започнува од тетовската приградска населба Мала Речица и минува низ две други полошки општини, Боговиње и Врапчиште – Неготино за да заврши во Гостивар.

Во однос на лошата состојба на автопатот Тетово-Гостивар, што е со повеќе ударни дупки и без заштитна ограда, Кадриу најави дека и за тука се обезбедени потребни средства по што ќе се започне со крпење на ударните дупки и поставување на плетена жица покрај автопатните  ленти. 

најчитано сега