Инвестиции во училишта, градинка, амбуланта во општина Илинден

 

Инвестирање во училишта, градинката и амбулантата се приоритет за 2015 година во општина Илинден. Градоначалникот Жика Стојановски истакна дека  капиталните инвестиции во областа на образованието, предучилишната возраст, здравството, се нивна трајна определба во насока на подобрување на условите за живеење, квалитетот на животот и животниот стандард на жителите во сите 12 населени места во Општина Илинден.

Тој додаде дека образованието претставува една од најзначајните области за развој, и фактор на современиот раст. Инвестирањето, осовременувањето и унапредувањето на квалитетот на образовниот процес  е главен двигател за одржлив економски и социјален развој на локалната заедница.

- Во 2015 година ќе продолжиме со континуираните инвестиции во образованието, доградба, реконструкција и модернизирање на училиштата „Гоце Делчев“, „Ристо Крле“ и „Браќа Миладиновци“, во вредност од 30 милиони денари, со цел на учениците да им се обезбедат квалитетни услови за покажување на нивните способности и постигнување на високи резултати во образовниот процес, посочи Стојановски.

На прес конференцијата градоначалникот Стојановски го најави отпочнувањето на активностите за реализирање на проектот за проширување и доградба на детската градинка „Гоце Делчев“ за дополнителни 650 метри квадратни. Со проширувањето ќе се овозможи згрижување на нови 120 деца, со што вкупниот капацитет на детската градинка ќе биде 350 деца.

Општина Илинден во соработка со Министерството за здравство и Здравствен Дом Скопје, почна и со активности за реализаирање на проектот „Изградба на нова Јавна здравствена установа - Амбуланта во населено место Миладиновци”.

- Со изградбата на новата амбуланта во Миладиновци, ќе се овозможат услови за квалитетни  здравствени услуги за жителите, не само од населеното место Миладиновци туку и на жителите од населните места Бујковци, Мршевци, Бучинци,Текија и Дељадровци, додаде градоначалникот  Жика Стојановски.

Новата амбуланта ќе се простира на површина од 250 метри квадратни, а на пациентите ќе им бидат на располагање две ординации за општа медицина, стоматолошка ординација, просторија за патронажа (вакцинација), просторија за интервенција, лабараторија, аптека, чекална, како и санитарни јазли.

 

 

Оцени ја веста

07.04.2015 - 13:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега