Директен лет од Скопје до Женева двапати неделно
Почнувајќи од 4.април, од скопскиот аеродромот „Александар Велики“, што е под менаџмент на „ТАВ Македонија“, ќе се лета и до Женева.
Согласно новиот летен распоред на летање, „Свис“ ќе лета на новата релација до швајцарскиот град, двапати неделно, во вторник и во сабота, со што Женева ќе биде третата дестинација во оваа европска земја со која скопскиот аеродром има директна поврзаност, покрај Цирих и Базел.
- Повторното воздушно поврзување на Скопје со Женева, како град познат по своето езеро и прекрасната природа, но исто така и како значајно седиште на многу меѓународни институции од областа на економијата, финансиите и дипломатијата, нè прави среќни, бидејќи истовремено успеавме да отвориме нова линија и да привлечеме нова авиокомпанија, „Свис“. Новиот лет до Женева е од интерес за патниците од различни категории, а пред сè на македонските иселеници во Швајцарија, како и туристите и бизнис-заедниците од двете држави, изјави Зоран Крстевски, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
Првиот воздухоплов на „Свис“ од Скопје ќе полета за Женева утревечер во 20 часот и 35 минути. Во текот на летото швајцарската авиокомпанија ќе оперира од „Александар Велики“ до Женева и во вторник попладне, кога полетувањата од скопскиот аеродром се закажани за 15 часот и 5 минути.
- Постојано ја прошируваме нашата мрежа од Женева. Централна и Источна Европа ни се фокусот на експанзија, бидејќи сме убедени дека овој регион како пазар нуди голем потенцијал за развој. Гледаме голем потенцијал во секторот - туризам и рекреација, со оглед на природните убавини кои Македонија ги нуди, како што се Охридското езеро и градот Скопје со својата културна и историска понуда, истакна Бернард Водл, директор на „Свис“ за Австрија и за централна и источна Европа.
Тој додаде дека во „Свис“ се горди што нудат два лета неделно Женева-Скопје-Женева, со кои се надеваат дека ќе можат да услужат различните групи на патници, како што се Швајцарците со македонско потекло, малата заедница на околу 300 Швајцарци што моментно живеат во Македонија, Македонците кои патуваат во Швајцарија за да ги посетат нивните пријатели или поради бизнис, и се разбира Швајцарците-туристи кои патуваат во Македонија.
Од „ТАВ Македонија“ информираат дека и натаму ќе продолжат со напорите за привлекување на нови авиокомпании, зголемување на бројот на дестинации, како и вкупниот сообраќај на двата аеродроми – скопскиот „Александар Велики“ и охридскиот „Св. Апостол Павле“. Компанијата услужи речиси 1,3 милиони патници во 2014 година, што е годишен пораст од 20 проценти во однос на претходната година.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа