Конзервација и реставрација на манастирскиот комплекс „Св. Никола“ во скопско Љубанци
Со поддршка од Министерството за култура, во тек е реализација на проектот за конзервација и реставрација на манастирскиот комплекс „Св. Никола“ во скопското село Љубанци.
Проектот, чија целосна реализација е планирана за 2016 година, предвидува конзервација и реставрација на конаците на овој комплекс кој датира од 19 век.
Во изминатиот период надлежната установа, Конзерваторски центар – Скопје, заврши неколку активности, меѓу кои и демонтажа на оштетените и дотраени елементи на конакот во манастирот.
- За годинава е предвидено геомеханичко испитување на земјиштето, по што ќе се дефинира основниот проект за конзервација и реставрација на манастирскиот комплекс и ќе започне изведбата на новиот објект. Исто така, иконостасот во црквата, кој е изработен од познатиот мијачки мајстор Дичо Зограф, беше целосно реставриран и конзервиран од надлежната институција. Непосредната заштита и реставрација на стариот конак на овој манастир ќе биде од големо значење и за граѓаните на село Љубанци и на целата општина Бутел, токму поради фактот што тие се доста чести посетители на овој споменик на културата кој е посветен на свети Никола, информира Министерството за култура.
Манастирот „Св. Никола“ во селото Љубанци, сместен на падините на Скопска Црна Гора, е комплекс од градби од 19-ти и 20 век. До 1960 година функционирал како машки манастир, а од 1998 година бил возобновен како женски манастир. Поради погодноста на планинската клима, за време на Втората светска војна манастирот претставувал воздушна бања за болни од туберкулоза.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа