Космичка опера вечерва на Баскерфест

 

Вечерва во рамките на Баскерфест 2013, со почеток во 22 часот на плоштад Македонија, ќе се одржи мултимедијалниот перформанс "Timing Diagrams" - во изведба на двајца артисти од Љубљана - Марко Батиста (звук) и Боштјан Чадеж (визуелизации).

"Timing Diagrams" претставува мултимедијална екстраваганца - звукот и визуелните ефекти се емитираат од електронски, механички и дигитални алатки, моделирани и изработени од Марко Батиста.

- Станува збор за ултимативно доживување и оригинално дело во светски рамки, кое е спој на висока технологија и нејзина  софистицирана манипулација. Вистинско футуристичко патување. Оваа претстава го обиколи светов во изминативе две години, а во Македонија ќе се одржи прв пат, се вели во соопштението од Словенечката амбасада во Скопје.

Марко Батиста и Боштјан Чадеж се исклучителни личности, млади и талентирани, а веќе познати и докажани уметници.

Батиста, живее на релација Лондон-Љубљана и креира претстави кои ги има поставувано во сите позначајни галерии на современа уметност во регионов, а активно учествувал и на познати фестивали и биеналиња.

Чадеж е визуелен уметник, чии иновации се протегаат низ различни технолошки сфери, а посебно интересни се оние на полето на роботиката, кои ги имплементира во уметнички инсталации и перформанси.

Перформансот "Timing Diagrams" се реализира со поддршка на Амбасадата на Република Словенија, а на иницијатива на „Скопје Вавилон“ - нова форма на активизам, која обединува креативни умови и стимулира активности за одржување и унапредување на културниот живот на градот.

најчитано сега