„Самарас сам ја предизвика кризата со ЕРТ“ - владејачките партии не најдоа решение за телевизијата

 

Средбата меѓу партиите од владеачката коалиција во Грција за судбината на државната радио телевизиска компанија ЕРТ синоќа заврши без резултат, пренесоа француските медиуми.

Лидерите на трите партии и денеска ќе ги продолжат разговорите на оваа тема.

Претседателите на социјалистичката партија ПАСОК и на Демократската левица, Евангелос Венизелос и Фотис Кувелис, вчерашната средба ја оценија како многу тешка и мачна.

Премиерот и претседател на конзервативната партија Нова демократија Андонис Самарас западна во ќорсокак во случајот со ЕРТ, забележаа француските медиуми. Тој сам ја предизвика кризата, затворајќи ја еднострано државната радио и телевизија на 11 јуни,  без согласност на партнерите од владеачката коалиција, заради неефикасност, разуздано трошење и исчезнати средства.

Врховниот административен суд на Грција, меѓутоа, во понеделникот утврди дека емисиите на ЕРТ привремено треба да се обноват, се додека не се создаде нова државна радио телевизиска компанија.

Во обид да избегне евентуални превремени парламентарни избори, Самарас на своите коалициски партнери им предложи промени во владата кон крајот на овој месец.

Учесниците на вчерашната средба признаа дека колку што зборувале за судбината на ЕРТ, толку зборувале и за проблемите во владеењето и за распределбата на функции.

најчитано сега