120 интервенции и 4 колапси дневно - граѓаните лошо ги поднесоа горештините

 

Високите температури почнаа да создаваат проблеми. Зголемен е бројот на пациенти кои се жалат на последици од претоплото време, информираат од Брза Помош, пренесува Плусинфо.

 - Овие два дена имаме од 100 до 120 извршени интервенции за 24 часа. Имаме од 3 до 4 колапси на ден. Повиците кои ги добиваме се надвор од оваа бројка, бидејќи тие вклучуваат совети кои службите им ги даваат на оние кои што ќе се јават, па бројката е значително поголема, претпоставуваме околу 400 повици на ден. Имаме зголемување и на броот на хоспитализирани пациенти, но засега нема пациент кој е со посериозни компликации предизвикани од времето, изјавил д-р Оливер Алексовски од Брза помош, пренесува порталот Плусинфо.

 Хронично болните, повозрасните, оние со кардиоваскуларни заболувања и бремените жени се на удар на горештините.

Македонија денеска влезе во жолтата алертна фаза. Денеска температурите се движат до 37 степени. Еве што треба да направите за да се заштитите од горештините:

-Пред употреба задолжително миење на земјоделските, градинарските производи, како и термичка подготовка на храната и нејзина консумација веднаш по подготовката. Воедно, избегнувајте производи кои термички не се обработени како на прмер мајонези од домашни јајца, а внимателно и со консумација на сладолед и разни кремови. Избегнувајте мрсна и високо-калорична храна, како и храна која содржи поголемо количество шеќер.

-Доколку сте во можност тоа да го направите, не излегувајте во период од  10 до 17 часот, а избегнувајте и напорни физички активности, вклучувајќи и спорт и рекреативни активности.

-Носете светла и лесна облека бидејќи светлите бои ја рефлектираат светлината, а при на директна изложеност на сонце, ставете заштитни очила и капа. 

-Внесувајте големо количество течности почнувајќи од обичната вода за пиење, па до минерализирани безалкохолни пијалоци. Одбегнувајте алкохолни пијалоци и пијалоци кои содржат кофеин, како и екстремно ладни пијалоци.

-Туширајте се со студена вода повеќе пати во текот на денот. Алтернативно, ставете ладни облоги и чувајте ги нозете во студена вода.

-Кога сте во своето возило-отворете го прозорецот за да овозможите вентилација на воздухот. Целосно затворените возила стануваат многу жешки. Не оставајте никого во возилото!

-Ако чувствувате зашеметеност, слабост, вознемиреност или имате интензивна жед и главоболка, побарајте помош, преселете се во поладно место колку што е можно побрзо и измерете ја својата телесна температура и побарајте помош од доктор.

 

најчитано сега