Две недели борба на Готен, пожарот е подметнат, вели Михаилов

 


Црнила и пепел оставија огнените јазици на планината Готен. Две недели околу 3.000 пожарникари, вработени во ЈП „Национални шуми“, доброволци пожарникари, припадници и пилоти на Армијата и на Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и населението на општините Василево, Радовиш и Берово го гаснат пожарот на планината.

Во интервју за МИА, заменик директорот на ЈП „Национални шуми, Кире Михаилов вели дека сите покажале голема професионалност и за среќа нема тешко повредени лица, иако имале ризични ситуации, неколку евакуации на професионалци и месно население  во овој голем пожар.

- Ние се бориме со многу лош, непристапен терен, меѓутоа она што навистина е многу лошо е она што го гледате. Гледате каков ветер имаме овде, знаете како овој ветер го движи огнот, со неверојатна брзина и тоа може дополнително да ни направи огромни проблеми, да ни повреди луѓе, не дај боже и да ни ја оштети механизацијата. Веќе сме две недели овде. Теренот е доста непристапен и тоа беше една од причините, поради којашто не можевме во даден момент да искористиме се што имаме. Значи, она што го имавме овде, го искористивме максимално, согласно можностите на теренот, рече Михаилов.

Според првичните анализи, пожарот на планината Готен има зафатено околу 5.000 хектари, од кои околу 2.300 хектари во Општина Василево, на територијата на Општина Берово се околу 1.000 хектари, а за Општина Радовиш се уште не се знае точно колкава е опожарената површина, бидејќи се уште има активности од страна на професионалците и доброволците. Смета дека штетата на дрвниот фонд на струмичката и радовишката страна е релативно мала, затоа што изгорена е многу слаба деградирана шума, појаси со смрека, трње и добар дел само трева, а само под врвот Готен е зафатена високо квалитетна шума. Но, штетата во беровско е голема, бидејќи изгоре висококвалитетна букова шума.

- Штетите дополнително ќе ги утврдуваме согласно Закон, согласно таблици, коишто ги имаме и откако конечно ќе го изгаснеме пожарот, тогаш можеме да излеземе со конкретни податоци, точно колкава би била штетата, вели Михаилов.

Во изминатите 13 години ова претпријатие тонело и финансиски и со кадар. Михаилов во интервју за МИА вели дека во 2012 година во струмичката подружница имале околу 40 вработени, но низ годините, голем дел од нив си заминале од работните места. Во 2024 година во оваа подружница останале да работат само неколкумина.

- Заклучно со 2024 година во Струмица останаа неколку шумочувари. Зборувам неколку, четири-пет, коишто можеме да ги користиме конкретно за она што го кажав. Значи, десекратно е намален тој број и не само така во Струмица, таква е сликата во сите подружници. Значи, ние сме останале десеткувани и сега замислете што и како да преземеме и да го дадеме оној, почнувајќи од првиот до последниот удар. Сега знаете, во моите изјави од пред извесно време кажав дека луѓето ги затекнавме буквално „на влечки“. Значи, немаше обезбедено ништо. Последната набавка била направена во 2016 година, токму кога ние бевме раководители. Тогаш се набави опрема, за вработените се набавија неколку комплет униформи, за секоја подружница се набавија по неколку противпожарни одела, вели Михаилов.

Тој посочи дека во рок од седум години, до 2024 година во ЈП „Национални шуми“ немало речиси никакви вложувања. Претходното раководство купило пумпи за гаснење пожари, за кои не била обезбедена фирма што ќе може да ги сервисира.

- Значи, во моментов секоја една пумпа, која излегла од употреба поради каков било дефект во Македонија нема кој да ја сервисира. Потрошиле илјадници евра, илјадници евра за опрема за гасење, која за кратко од нејзината употреба останува неупотреблива и тоа трајно. Сега кога дојдовме, ајде што немаа опрема, немаме механизација, немаме соодветни пумпи, добар дел од нив, како што кажав, се расипани. Значи, првиот приоритет го дадовме на санирање на оние материјали што ги имавме конкретно за гаснење на пожари, вели Михаилов.

Тој потенцира дека изминатата година била година на санирање на состојбите во ЈП „Национални шуми“, се решавал проблемот со исплатата на платите, а вкупниот долг изнесувал речиси 20 милиони евра. Но, добиле одредени донации, а во тек се тендерски постапки за набавка на опрема за справување со пожари.

- Во тек е набавка за шумочуварските служби, која оди во таа конотација, затоа што и дрвокрадството е еден огромен сегмент, којшто пречи и се работи на санирање на се она што го начекавме. Она што може да се поправи, го поправаме и правиме планови во согласност со нашите можности во периодот што претходи, да набавиме и дополнителни возила за спречување вакви катастрофи и секако луѓето комплет да ги спремиме, за да бидат барем заштитени кога ќе бидат на оваа прва линија. Значи, заштитата ни е приоритет број еден, рече Михаилов.

Во интервјуто за МИА открива дека направени се Оперативни планови за тоа колку луѓе треба да имаат во ловочуварската и во набљудувачката служба.

Михаилов смета дека пожарот на планината Готен е подметнат не заради економски интерес, туку, како што вели, некој сакал да ја види способноста и подготвеноста на државата во справување на пожарите.

- Јас сум повеќе од сигурен дека и овој пожар на Готен не е случаен, туку е подметнат. Во текот на 13 дена, кога ни се подметна Софилари, кај гробиштата кај Струмица, исто ни подметнаа и пожар над Сушево. Тоа е токму под оваа линија. Претходниот ден во ист ден беа подметнати три пожари на територијата на Општина Струмица, вели Михаилов.

Според него, за да се спречи палењето на шумите од економски интерес е дрвната маса по пожарите да не се продава ниту на фирми, ниту на физички лица. Туку, државата да инвестира во преработувачки капацитети, коишто ќе донесат бенефит за неа. На тој начин вели дека никој ќе нема интерес, за да дојде до евтина дрвна маса. Михаилов вели дека опожарените македонски планини  повторно ќе се обноват, го радува тоа што општествено одговорни компании, но и младите сакаат да учествуваат во акциите за пошумување.

- Да, штетата во однос на дрвниот фонд овде е мала, меѓутоа штетата во однос на екологијата е многу голема, иако е трева и таа има свое место во овој синџир. Овде има безброј диви животни, коишто угинале од овој пожар, овде има безброј инсекти коишто угинале од овој пожар, безброј микроорганизми коишто го сочинуваат овој систем, вели Михаилов.

По пожарите ќе има и промена во хидрометеоролошката состојба на подрачјето. Според Михаилов, македонските планини треба да се пошумуваат со автохтони дрвја, кои многу лесно и брзо ќе се приспособат на конфигурацијата на теренот. Она што ќе се засади годинава или наредната година ќе покаже дали е во ред за неколку децении. Затоа и пошумувањето не смее да биде избрзано, туку добро испланирано, за благодетот да го почувствуваат идните генерации.

31.07.2025 - 15:01

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега