Во Кисела Вода се гради игралиште за деца со посебни потреби

 

Градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ, денес изврши увид во отпочнувањето на градежните активности за изградба на игралиште за деца со посебни потреби во населбата Кисела Вода. Предвидениот простор за игра е лоциран во близина на крстосницата помеѓу улицата „Михаил Чаков” и булеварот „Борис Трајковски”.

 

Тука, имајќи ги предвид потребите на овие деца кои имаат различен карактер, како што можноста за надминување на ограничената мобилност со аутистичен спектар, на 280 квадратни метри, ќе бидат поставени повеќе реквизити кои ќе им обезбедат безбедна игра и социјализација. Истите ќе се постават на специјална подлога од полиуретански зрнца на гума и пена, која нема да им го ограничува движењето и ќе им овозможи безбедно користење на реквизитите. Околу игралиштето од две страни ќе се постават патеки од бехатон со ширина од 2,5 метри. Игралиштето ќе биде осветлено, оградено, а ќе бидат поставени и клупи и корпи за отпадоци.

 

Разгледувајќи ги отпочнатите градежни работи на фирмата која во моментов работи на бетонирање и тампонирање на теренот, градоначалникот Билјана Беличанец-Алексиќ, заедно со генералниот секретар на Националниот сојуз на лицата со телесен инвалидитет „Мобилност-Македонија” Софка Прчева, разговараа околу придобивките што ги носи учењето преку игра за децата со посебни потреби. Имено, како што покажува искуството, примената на најмодерните реквизити за игра ја поттикнува инклузијата на децата со посебни потреби и создава услови за нивен развој заедно со сите останати деца, кои исто така можат да го користат ова игралиште. Низ нивното дружење, тие ги развиваат и своите социјални способности.

 

Општина Кисела Вода за изградбата на ова инклузивното игралиште обезбеди од својот буџет околу 1.5 милиони денари. Истото треба да биде завршено за околу два месеца, до кога треба да бидат поставени и реквизитите кои се обезбедени од Министерството за труд и социјална политика преку Националниот сојуз на лицата со телесен инвалидитет “Мобилност-Македонија”.

 

 

Оцени ја веста

24.02.2015 - 13:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега