Спасов: Балетско училиште пример за успех од проектот за самовработување
-Проектот за самовработување со кредитирање е успешен и овозможува создавање нови работни места. Изминатите години, над 90 отсто од сите фирми кои земале ваков кредит се успешни и продолжиле да работат. Исто така и 90 отсто од лицата, вработени со оваа мерка продолжиле да работат, истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, кој заедно со директорот на Агенција за вработување на Република Македонија Влатко Поповски и раководителот на Центарот за вработување на Град Скопје Слободанка Алексовска го посетија училиштето за балет „Арт Баллет“.
Спасов информира дека ова училиште, лоцирано во скопската населба Карпош 4 е еден од успешните бизниси од проектот за Самовработување со кредитирање. Ги повика сите невработени кои ги исполнуваат условите да аплицираат, да ја реализираат својата бизнис идеја и да го остварат својот сон.
- Показателите за успешноста на оваа мерка се и дополнителен мотив за сите невработени, рече Спасов и додаде оти невработените, особено младите да не се откажуваат од своите идеи, желби и визии и да ги искористат поволностите кои им се нудат за да создадат добар мал бизнис.
Директорот на АВРМ Поповски ги повика сите невработени кои имаат идеја и сакаат да ја реализираат следните две недели да аплицираат во Агенцијата.
- Доколку не им е јасно како се пополнува бизнис план и како се прави, тука сме да помогнеме. На нашата веб-страна е ставен пример за пополнет бизнис план и упатство за тоа како да се пополни, рече Поповски и додаде дека до крајот на јули ќе бидат потпишани договорите за сите оние што ќе аплицираат до крајот на овој месец.
Информира дека околу 2.900 бизниси финансирале кои се уште опстојуваат. Околу 10 отсто од бизнисите не успеале, а вкупно се вработени 2.817 лица со М1 и 1.336 лица регистрирани во Фондот за пензиско и инвалидско како индивидуални земјоделци.
Тамара Ѓурчиновска од „Арт Баллет“ рече дека во 2008 година го основала своето балетско студио со помош на кредиот за самовработување.
- На почеткот почнав сама и многу се трудев да успеам во доменот на културата, каде треба да се покажат резултати. Во ова ова студио се едуцираат 70 деца од три до 15 години. Има деца кои продолжуваат да се школуваат и во Средното балетско училиште, рече Ѓурчиновска и додаде дека во студиото има уште еден вработен, балерина и балетски кореограф.
Во иднина, како што рече, планираме да се прошириме бидејќи има интерес. Информира дека досега одржале повеќе концерти, гостувале во повеќе земји и постигнале големи успеси. Според неа, за да се успее потребна е само добра идеја и да се искористат знаењата што се поседуваат.
На новинарско прашање дека Сојузот на инвалиди на Македонија почнал со петиција за побрзо остварување на своите права, Спасов рече дека за ова се информирал преку медиумите.
- Во текот на оваа недела ќе ги повикам на состанок за да ги слушнам нивните конкретни барања, рече Спасов и потсети дека во изминатиот период се преземени повеќе мерки за подобрување на нивната положба, зголемена е паричната помош за овие лица, додатокот за мобилност, за туѓа нега, бесплатниот превоз во железничкиот сообраќај.
ФОТО: МИА