„Акцијата беше злосторство врз човештвото“ - турската полиција со топови повреди стотици демонстранти

 

Стотици антивладини демонстранти изминатата ноќ беа ранети откако турската полиција употреби прекумерна сила за да ги истера од паркот Гези во Истанбул, соопшти денеска групата што ги организираше протестните активности - движењето „Солидарност за Таксим“, пренесе ДПА.

Полицијата во синоќешната акција, од паркот избрка над 10.000 демонстранти. Во акцијата на полицијата беа употребени водени топови и солзавец.

Сведоци на настанот тврдат дека неколку стотици полицајци упаднале во кампот од шатори на демонстрантите во Гези на плоштадот Таксим.

Од движењето „Солидарност за Таксим“ изјавуваат дека силите за безбедност прекумерно употребиле и гумени куршуми и солзавец и посочија дека во паркот имало жени, деца и возрасни луѓе.

Движењето оваа полициска акција ја оцени како злосторство врз човештвото.

Активистите инсистираат полицијата да престане да им пречи и на работата на лекарите, кои доброволно им укажуваат помош на демонстрантите, информира ДПА.

Турските демонстранти вчера посочија дека нема да се повлечат од паркот Гези во Истанбул и покрај повикот на претседателот Абдула Ѓул да го прекинат протестот и ветувањето на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган дека ќе се спроведе референдум во врска со плановите за реконструкција на паркот.

-Секој кој протестира на плоштадот Таксим ќе биде сметан за терорист, изјави синоќа во телевизиско интервју турскиот министер за ЕУ,Егемен Багаш, посочува турскиот весник на англиски јазик „Хуриет дејли њуз“.