Коњановски: Рекорден извоз на преработки од земјоделски производи
Заменик-министерот за земјоделство Зоран Коњановски, кој денеска во Гевгелија се сретна со претставници на Македонската асоцијација на преработувачи, оцени дека минатата година е остварен рекорден извоз во оваа гранка.
- Вкупно 43 преработувачки капацитети лани произведоа 54,1 илјади тони што претставува резултат што е на ниво на рекордот од 2008 година кој го остваривме пред почетокот на светската криза. Реализираниот извоз лани изнесуваше 40,5 илјади тони од што беа остварени 46,1 милион евра што претставува рекордна бројка постигната во оваа гранка, изјави Коњановски.
Според него, оваа гранка е изклучително значајна затоа што вработува околу 1.100 постојано вработени и 3.300 сезонски работници.
- Фактот што компаниите од МАП извезуваат дури 53 проценти од вкупниот извоз во земјите членки на ЕУ е доказ за имплементацијата на стандардите во производството. На таа тема ќе продолжиме заеднички да работиме и да освојуваме нови пазари, истакна Коњановски, додавајќи дека државата воведува дополнителна финансиска подршка за предадено градинарско и овошно производство во преработувачки капацитет со цел задржување на постоечките и освојување на нови пазари.
Преработувачите денеска беа информирани за измените на ИПАРД програмата кои се во насока на нивните барања пред стартот на новата сезона.
- Разговаравме како да ги подобриме перформансите на преработувачката индустрија, како да се зголеми откупот на зеленчук и овошје и како да ги подобриме извозните перформанси, изјави извршниот секретар на МАП, Саше Ристевски.
ФОТО: Утрински