Невработените сте? - Еве што ви нуди македонската Влада
Лицата кои се евидентирани како невработени во Агенцијата за вработување ќе може да аплицираат за најновиот оглас за самовработување со кредитирање што утре ќе го распише Владата на Република Македонија.
На огласот може да конкурираат невработени кои се евидентирани во Агенцијата за вработување најмалку една година и невработени најмалку шест месеци кои спаѓаат во групата на млади лица до 27 години или пак повозрасни лица над 55 години, како и лица кои примаат паричен надомест по основ на невработеност.
- Ќе бидат финансирани преку поволни кредитни инструменти два вида на бизниси, односно бизниси од помал и бизниси од поголем обем, информира денеска на прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Секое новоотворено работно место за бизниси од помал обем ќе биде финансирано со три илјади евра, а максималната бројка на луѓе кои може да се здружат за да аплицираат е три лица што значи дека вкупниот обем би бил девет илјади евра. Рокот за поврат е три години со грејс период од една година и каматна стапка од еден процент.
За финансирањето на бизниси од поголем обем може да аплицираат максимално пет лица од кои основниот кредитобарател би добил сума од пет илјади евра, а останатите четворица со по три илјади евра за секое ново отворено работно место. Рокот за поврат на средствата е пет години со грејс период од една година и каматна стапка од еден процент.
Доколку било кое од лицата кои се здружуваат припаѓа на групата невработени кои ја стекнале невработеноста како резултат на технолошки вишок, стечај или ликвидација и шест месеци биле евидентирани во Агенцијата за вработување и примале паричен надоместок, односно три години поминало од моментот на нивото отпуштање, тогаш за нив може да се повлечат уште дополнителни илјада евра по лице.
Финансирањето ќе се врши преку Македонската банка за поддршка на развојот, а финансиската конструкција за оваа мерка за вработување е проектирана на пет милиони евра со можност за проширување доколку постои интерес од страна на невработените.
Заинтересираните ќе можат да аплицираат во рок од 10 дена, почнувајќи од утре кога ќе биде објавен огласот. По завршувањето на огласот, во рок од еден месец до 45 дена, Агенцијата за вработување во соработка со Агенцијата за претприемништво ќе ги разгледа доставените апликации по што со избраните ќе бидат потпишани договори.
- Огласот претставува исклучително добра можност за вработување на лицата кои се невработени. Точно е дека анализите покажаат оти постои определено обесхрабрување на овие целни групи или пак определен стереотип кој ги демотивира да аплицираат, но искуствата кои ги имавме во минатите години покажуваат дека над 90 проценти од фирмите кои се отвораат како резултат на финансирањето преку ваков вид на иструмент продолжуваат да функционираат, а дури 93 отсто од вработените кои работат во овие компании остануваат да бидат вработени, нагласи Ѓорѓиев.