Градоначалникот на град Скопје го заврши единаесетиот циклус посети на скопските општини
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на Општината Гази Баба, Тони Трајковски и директорите на јавните градски претпријатија денеска присуствуваа на акција за чистење и уредување на паркот „Борис Трајковски" во Ченто, со што го означија почетокот на тридневната акција за чистење во општина Гази Баба.
Со оваа акција заврши единаесетиот циклус посети на скопските општини и средби со претставниците на урбаните и на месните заедници.
Градоначалникот Трајановски се осврна на дел од активностите и проектите што Градот Скопје и јавните претпријатија ги реализираа изминатиов период, како и на проектите кои ќе бидат реализирани во иднина.
- На територијата на Гази Баба деновиве заврши проширувањето на крстосницата на булеварот Александар Македонски со улицата 16. Македонска бригада, во Автокоманда, со што во голема мера се олесни движењето на возилата, се намали метежот и се зголеми безбедноста во сообраќајот, рече Трајановски.
Исто така, посочи тој, изминатиов период се отвори и реконструира затрупаниот канал кој поминува покрај паркот „Борис Трајковски" со што, како што рече, ќе се намалат поплавите што се појавуваа во овој дел од градот изминатиот период.
- Минатиот месец започнаа и градежните работи на третата фаза од проектот за изградба на фекалниот колектор во населеното место Инџиково, изјави градоначалникот Трајановски.
Во наредниот период Градот Скопје на територијата на општина Гази Баба ќе продолжи со реализација на проекти во насока на подобрување на квалитетот на живот во оваа општина. Како најважен проект треба да се издвои реконструкцијата и проширувањето на улица „Маџари", со што значително ќе се олесни одвивањето на сообраќајот.
- Оваа реконструкција ќе биде искористена и за поставување нова атмосферска мрежа со поголем капацитет, со што целосно ќе се реши проблемот со поплавувањето на овој дел од Ченто, рече Трајановски.
Градоначалникот Трајковски, изјави дека овие средби даваат позитивни резултати на терен и ја подобруваат комуникацијата на општинската администрација и урбаните заедници со јавните претпријатија. Исто така, посочи дека во тридневната акција за чистење и уредување, општината ќе се вклучи со над 60 лица вработотени во општинското јавно комунално претпријатие „Гази Баба-2007“.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа