Конкурс за финансирање на проектот „Град на културата“ во 2015
Министерството за култура го објави конкурсот за финансирање на проектот „Град на културата“ за 2015 година, на кој заинтересираните општини треба да аплицираат до 15 декември 2014 година. Градовите треба да достават програма со препознатлива културна и историска традиција со презентација на актуелните културни вредности.
Пријавата треба да се преземе од веб–страницата на Министерството за култура (www.kultura.gov.mk) и да се пополни електронски со впишување податоци на означеното место. Во конкурсот на Министерството се наведени и документите кои задолжително треба да се достават заедно со пополнетата пријава: прецизна фестивалска програма со краток осврт на проектите кои се составен дел од програмата; документ за обезбедените средства од други извори на финансирање (локална самоуправа, сопствено учество, спонзорства, донации, друго).
Пријавата и програмата во врска со Конкурсот може да се достават до Министерството за култура по пошта на адреса: ул. „Ѓуро Ѓаковиќ“ бр. 61 - Скопје или во писарницата на Министерството за култура најдоцна до 16.30 часот на последниот ден од Конкурсот.
За резултатите учесниците ќе бидат писмено известени со решение на Министерството за култура, а тие ќе бидат објавени и на веб-страницата на Министерството.
Целта на конкурсот е да се создадат услови за рамномерен културен развој и достапност на граѓаните до културните вредности и нивно масовно користење, како и за да се поттикне заживувањето на културата на локално ниво.
Општината која ќе биде избрана на конкурсот ќе биде 12-та што ќе ја носи титулата „Град на културата“, а ќе ја преземе од Крушево. Во претходните години домаќини беа Радовиш, Битола, Прилеп, Куманово, Штип, Велес, Кавадарци, Гевгелија, Кочани и Крива Паланка.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа