Малите парцели се проблем во земјоделството

Фрагментацијата на земјоделското земјиште се уште е еден од клучните проблеми на македонскиот аграр. Ситните парцели ги намалуваат продуктивноста и ефикасноста, а ги зголемуваат трошоците што се одразува врз крајните приходи на производителите, како и на конкурентноста. Ова е заклучокот од денешната Регионална работилница за развој на пазарот на земјиште и земјишна консолидација во земјите од ЕУ.

- Фрагментацијата на земјиштето и малиот обем на земјоделските стопанства се главните фактори што го спречуваат подобрувањето на конкурентноста на пазарот. Имајќи предвид дека во Македонија, како и во поголемиот дел од Централна и Источна Европа, проблемите што произлегуваат од расцепканоста на земјоделските површини и од малите фарми го отежнуваат развојот на земјоделството и руралните средини, по распределбата на секое парче државно земјоделско земјиште, сега, поголемиот дел од активностите се насочени кон окрупнување на површините, рече ресорниот министер Љупчо Димовски кој ја отвори работилницата.

- Процесот е ислучително комплексен и долготраен. Ни претстои обемна работа. Секоја помош во овој правец е драгоцена, нагласи Димовски, оценувајќи ја како особено добредојдена поддршката од Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО).

Минатата година беше донесена Националната стратегија за консолидација на земјоделското земјиште за периодот 2012-2020 која ги вклучува целите и инструмените што треба да се постават во аграрната, руралната, но и фискалната политика, а кои се однесуваат на целосно реструктуирање на површините.

- Со Стратегијата се опфатени неколку модели на консолидација, од доброволна до сеопфатна размена што вклучува пошироки региони каде земјиштето ќе се окрупнува со репарцелизација и изградба на системи за наводнување, локални, полски патишта,... Притоа ќе се земат предвид сите досегашни најдобри странски искуства, изјави Перица Ивановски од Министерството за земјоделство. 

Како што информира Иваноски, годинава почнува голем проект за консолидација на земјиштето поддржан од ФАО, а во 2015 ќе се спроведува уште еден, во неколку општини, кој паралелно ќе опфати и покрупни инвестиции за наводнување и рурална инфраструктура, поддржан од Европската комисија. Првиот петгодишен период од Стратегијата, до 2016 година, главно ќе се покриваат активностите од донаторите.

- Холандија почна со окрупнување на земјоделското земјиште во триесетите години од минатито век, но сериозно зема замав по втората светска војна. Шеесетите години беа многу важни од апсект на восопставувањето одржливо земјоделство преку зголемување на рационалноста. Оттогаш, земјата продолжува да инвестира не само во земјоделството, туку и во процеси како што се заштита на животната средина и менаџирање со водни ресурси, рече Франк Вон Хост од Холандија.

 

најчитано сега