Со ист билет ќе се возиме и во приватните и во автобусите на ЈСП

 

За девет месеци ќе започне електронската наплата на билетите и автоматското следење на движењето на автобусите, најавија Град Скопје и Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), пишува Вечер.
Системот ќе го имплементира Т-Мобиле Македонија, а инвестицијата изнесува три милиони евра.  Раководството на ЈСП и градските власти очекуваат со примената на системот да се подобри квалитетот на превозот, да се зголеми бројот на патници и поголема контрола врз автобусите. За патниците предност ќе биде тоа што еден ист билет ќе важи и во автобусите на ЈСП и за приватните превозници. Наплата на билетот ќе се овозможи и со мобилен телефон.   

„Се прашуваме дали ќе можеме да опстоиме со постојниот систем. Дел од проектот за набавка на систем за автоматска локација и електронска наплата на билети всушност го решава овој горлив проблем на ЈСП. Модерен систем кој ќе овозможи првин во секое време да се знае бројот на патници во автобусите, а понатаму да направи систем кој гарантирано ќе го зголеми прометот во нашите автобуси за 10 проценти“, истакна директорот на ЈСП, Мишо Николов.

Со сегашниот систем, нема никакви информации дали автобусите се на терен, дали се точно навреме на автобуските станици и дали се редовни.
Извештаите им се базираат на претпоставки или на контролори кои во одреден дел од градот запишуваат рачно дали автобусот поминал на линијата.  Со автоматска локација на автобусите, вработените на големи екрани во ЈСП ќе ги следат сите автобуси, дали се на линија, дали се точни и дали ја пружаат заслужената услуга на граѓаните. 

-Новиот систем, ќе ни овозможи конечно да го воведеме системот за наплата со еден билет кој би важел и во јавното претпријатие и во автобусите на Слобода превоз и Мак експрес, рече Николов.

Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски истакна дека со проектот Скопје ќе влезе во групата на паметни градови.

 На секоја автобуска станица ќе има сигнална светилка која ќе покажува дали автобусот е стасан навреме или не. Тоа ќе важи и за приватните и за автобусите од ЈСП. Околу 500 автобуси ќе бидат опремени со системот за следење на наплатата, 300 на ЈСП, а останатите на приватните превозници, информираше скопскиот градоначалник Коце Трајановски.

Град Скопје ќе ги продава автобуските карти, а на ЈСП и на приватните превозници ќе им се исплаќа по поминат километар. 

- Да не биде важно во кој автобус колку патници има и да се борат за патници и да се натпреваруваат или да не возат, односно во шпицовите да ги собираат парите, а кога не е да не возат. На овој начин сметаме дека ќе имаме систем кој целосно ќе го контролираме, додаде градоначалникот. 
Директорот на Т-Мобиле Македонија, Жарко Луковски најави оти ќе се залага за имплементација на системот и пред утврдениот рок со договорот. 

Она што следи заедно со овој систем за електронска наплата е градски систем кој ќе овозможи плаќање паркинг, карти за Зоолошка градина, за жичарница, собирање поени за лојалност. Има неограничена лепеза на сервиси кои ќе бидат приклучени на овој систем, наведе Луковски.

 

 Тој најави дека се планира со системот да може да се врши плаќање билети со мобилен телефон. Картичката што ќе се користи ќе може да се употреби и да се надополни во секое време на повеќе од 6.000 места. 

27.10.2014 - 23:26

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега