Премиера на „До Балчак“ утревечер во Скопје
Најновото филмско остварување „До Балчак” на режисерот Столе Попов утревечер премиерно ќе биде прикажан во Скопје во киното „Милениум“.
„До Балчак” или Приказна од Дивиот исток е историски спектакл. Приказната се случува во првата декада од 20 век. Тоа е сурова, романтична љубовна приказна во која вечната македонска кауза за сопствен идентитет и самостојност е видена од агол на поединецот.
Режисерот Попов денеска на прес-конференција, која ја организираше Агенцијата за филм на Република Македонија, истакна дека е многу задоволен од тоа како изгледа филмот, оти го остварил тоа што било негова замисла и негов сон и по толку години мобилна преокупација со таа тема, сепак, го реализирал филмот. Посочи дека посебно му е драго што на првата фест проба на Битолскиот филмски фестивал „Браќа Манаки“ видел дека она што било негова цел и на што се надевал како реакција на публиката, фантастично функционира.
- Основна работа за мене е самиот филм, тој да допре до публиката, да може таа да го доживее на еден силен емотивен начин, да се идентификува со главните јунаци, со дејствието, со приказната. Филмот трае 165 минути, што не е едноставна форма, затоа што се повеќе сме сведоци дека филмови траат се помалку и помалку. За мене како човек што толку години се занимава со филм, мајсторството наше филмско се гледа во должината колку можете подолго да го задржите вниманието на гледачот. Тоа е таен предизвик за сите филмаџии, рече Попов.
Нагласи дека особено задоволство ќе му претставува доколку го види што поголем број публика, особено македонската, затоа што, како што рече, се занимава со сржта на нешто што ние сакаме да го дефинираме како македонска кауза. - Ова е филм за обичниот човек, публиката сака да се поистоветува со такви ликови и сака да го почувствува обичниот човек, рече Попов.
Сценариото на филмот е на Горан Стефановски, продуцент е Данчо Чеврески. Во филмот настапуваат Сашко Коцев, Тони Михајловски, Мартин Јордановски, Сенко Велинов, Инти Шрај, Драган Спасов, Гораст Цветковски, Владо Јовановски, Ана Костовска и други.
Актерот Сашко Коцев на прес-конференцијата рече дека големо искуство е да се работи на таков голем филм, додека актерот Сенко Велинов рече дека не знае дали повторно ќе имаат можност да работат на толку голем филм.
„До Балчак” се снимаше летото во 2012 година на локации во Битола, Скопје, Демир Хисар, Охрид, Штип и Прилеп. Филмот премиерно беше прикажан на 14 септември на 35. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.
По скопската премиера, филмот ќе биде на редовниот репертоар на киното „Милениум“, а од почетокот на идната недела ќе се дистрибуира во сите градови во Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа