Ќе уживаме во звуците на џезот - стартува 33. Скопски џез фестивал
Со корејско-шведското дуо што го сочинуваат џез-пејачката Јун Сун На и гитаристот Улф Вакениус, вечер во Универзална сала почнува 33. Скопски џез фестивал.
Фестивалот ќе трае четири дена, еден помалку од лани, и ќе се одржува во „Сити хол центарот“, во МОБ и во киното „Фросина“.
Јун Сун На, позната по својата импресивна вокална моќ, секоја песна ја интерпретира во сопствен уникатен стил полн со емоции и страст. Во 2005 година францижускиот „Le Мonde“ ја опиша како „вонземјанин кој го допира џез универзумот со величенствен глас и страствена оригиналност“. Со многу награди зад себе, корејската дива е извонреден импровизатор чии музички мостови ги допираат сите континенти. Нејзиниот репертоар опфаќа не само песни на „Металика“ и Лео Фере, туку и џез-стандарди и лични верзии на француски и корејски песни.
По уникатните Јун Сун На и Улф Вакениус, публиката ќе ужива во музиката на квартетот на Тери Лин Керингтон од САД. Добитничката на наградата „Греми“, Тери Лин Керингтон, е тапанарка, композиторка и предводничка на неколку бендови. Настапувала со легендарните Херби Хенкок, Вејн Шортер, Ал Џаро, Стен Гец, Џо Семпл,..., неодамна е назначена и за професорка на музичиот колеџ „Беркли“. Керингтон со својот квартет во Скопје ќе го претстави актуелниот проект „Money Jungle: Provocative in Blue”, нејзиниот долго очекуван омаж на исконскиот албум „Money Jungle” на легендарното трио на Дјук Елингтон, Чарлс Мингус и Макс Роач од 1963 година.
Полноќната програма на фестивалот во Сити хол центарот ќе ја отвори Obara International, модерниот џез квартет на најзначајното име на новиот полски џез, саксофонистот Мачиеј Обара.
На утрешната вечер, најавена како најексклузивна, гостуваат „Fire!Orkestra“ предводен од познатиот Матс Густавсон, пијанистот Ник Барч и на полноќ триото од Белгија „Данс данс“. Во сабота се пијанистот Метју Шип и Елиане Елиас, пијанистка и познат вокал по изведбите на боса нова, додека неделата е резервирана за пладневниот концерт на сакасафонистот Нед Ротенберг, една од иконите на њујоршката авагардна сцена, и вокалната импровизаторка и експериментаторка Саинко Намчилак. Овој концерт, предвиден за 13 часот во киното „Фросина“, е новина на Фестивалот.
Фестивалот ќе заврши со концерт во МОБ на композиторот и мултиинструменталист Вадада Лио Смит, њујоршкиот саунд-дизајнер Hardedge, и австралискиот бенд „The Necks“.
Програмата на годинашниот Скопски џез фестивал ја состави директорот на Љубљанскиот џез-фестивал Богдан Бенигар од Словенија, а Словенец е и авторот на плакатот и на каталогот Карло Меѓугорац.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа