Започнува 33. Скопски џез фестивал
Со настап на корејската џез пејачка Јун Сун На и шведскиот гитарист Улф Вакениус, како и „Греми“ наградената тапанарка и композиторка Тери Лин Керингтон од САД, во четврток ќе почне 33. Скопски џез фестивал, кој ќе трае до 19 октомври.
Директорот на фестивалот Оливер Белопета денеска на прес-конференција рече дека четирите фестивалски дена го носат она што е актуелно од светската џез сцена.
- Фестивалот ќе се одржи на четири локации. Започнува во четврток со дуото Јун Сун На од Кореа и Тери Лин од САД со два концерти во Универзалната сала, потоа следува концертот на саксофонистот Мачеј Обара со почеток на полноќ во Сити хол центарот. Вториот ден, кој е најексклузивен, започнува со „Fire! orchestra“ предводен од Матс Густавсон, потоа Ник Барч, а завршува во Сити хол центарот со белгиското трио Dans Dans, појасни Белопета.
Третата фестивалска вечер ќе започне со пијанистот Метју Шип и Елиане Елиас, а завршува со полноќниот концерт на „Red Snapper“ бендот кој се појавува во женските клубски ноќи во 90-тите, спојувајќи ги брејкбит, трип-хоп и драм-ен-бејс влијанијата со даб и џез стил кој по многу нешта е пионерски.
На последната фестивалска вечер в недела од 13 часот во Кино „Фросина“ ќе гостува „иконата“ на њујоршката авангардна сцена Нед Ротенберг со вокалната импровизаторка и експериментаторка Саинко Намчилак, а во Македонската опера и балет вечерта од 20 часот фестивалот ќе го затворат Вадада Лио Смит и њујоршкиот саунд-дизајнер Hardedgе, кој во април оваа година во студио во Менхетен го снимија нивниот прв албум „The Nile" и австралискиот бенд „The Necks“.
Билетите се во продажба во Југотон рекордс, Универзална сала и www.mktickets.mk Цената на билетите изнесува од 300 до 1.000 денари, додека пак комплет билет за сите вечери може да се набави по цена од 2.600 денари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа