ВИДЕО:Гол од 82 метри за лидерско место во Бундеслигата!
Екипата на Падерборн ги доживува најдобрите моменти во клупската историја.
Во најдобрата германска фудбалска лига, во својот прв настап тимот на Падерборн по четири одиграни кола се наоѓа на првото место на табелата со 8 бодови, исто колку Мајнц, Хофенхајм и Баерн Минхен, но има подобра гол разлика.
На мечот од четвртото коло Падерборн го совлада Хановер со 2:0, а стрелци на головите беа Качунга 71-та и Штополкемп во третата минута од судиското продолжение.
Вториот гол на Падерборн беше неверојатен и може уште сега да се прогласи за гол на сезоната. Имено, во третата минута од судиското продолжение фудбалерите на Хановер при еден прекин сите се преселија пред голот на домаќините, вклучувајќи го и голманот.
Откако дефанзивците на Падерборн ја расчистија опасноста по нафрлената топка од слободен удар, топката дојде до Штополкемп кој речиси од сопствениот шеснаесетник ја погоди мрежата на Хановер.
На официјалната Јутјуб страница на Бундеслигата е запишано дека голот е постигнат од 82 метри, што претставува рекорд.
Вреди да се напомене дека овој 27-годишен играч за врска од 2010-та до 2012-та го носеше дресот токму на Хановер.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа