Реконструкцијата на улицата „Црногорска“ заврши

 

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и градоначалникот на општината Ѓорче Петров, Сокол Митровски денеска присуствува на отворањето на реконструкцијата на кракот од улицата „Црногорска“, на потегот од улицата „Радушка“ до улицата „Лука Геров“, како и на краците 1, 2 и 3 од оваа улица, кај паркчето пред надвозникот на улицата „Лука Геров“.

 Токму на Денот на општината Ѓорче Петров ги отвораме за сообраќај реконструираните делници од улицата „Црногорска“. Со овој градежен зафат, од улицата „Црногорска“ вкупно се обновени 650 метри, при што посочените делници добија нов асфалт, а коловозот е проширен според условите на теренот, до ширина од 5,5 метри. По должината на кракот од улицата „Црногорска“ се уредени тротоари покриени со бекатон-плочки. Градот Скопје и Општината Ѓорче Петров во овој зафат учествуваа со по 2,3 милиони денари, односно за овој проект вкупно се вложени 4,6 милиони денари, рече Трајановски денеска на отворањето.

Нагласи дека Градот Скопје и во иднина ќе ги поддржува проектите на општината Ѓорче Петров.

Во овој период, Градот Скопје интензивно работи на изградбата на кружниот тек меѓу булеварот „Партизански одреди“ и улицата „Ѓорче Петров“, проект што ќе придонесе да се отвори широк сообраќаен коридор кон Ѓорче Петров и кон излезот на Скопје и ќе биде од корист на граѓаните во овој дел од градот, рече Трајановски.

Градоначалникот на Ѓорче Петров, Сокол Митровски, меѓу другото нагласи дека овој проект е резултат на добрата соработка со Градот Скопје.

19.09.2014 - 13:43


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега