Децата од Домот „11 Октомври” ќе го усовршуваат англискиот јазик
Програмите за создавање билингвални деца со рано изучување на англискиот јазик се вистински хит во светот, а отсега и децата од Домот без родителска грижа „11 Октомври” ќе го усовршуваат својот англиски јазик по програма од овој тип. Оваа можност, во форма на едукативна донација ја овозможија Центрите за рано изучување на англискиот јазик „Хелен Дорон”, како најпозната франшиза во светот за создавање на деца чиј англиски јазик ќе биде еднакво флуентен како македонскиот. На радоста и немаше крај откако дечињата дознаа дека секоја недела, наставен кадар ќе ги посетува и ќе имаат интерактивни часови по англиски јазик во следните три месеци.
-Благодарни сме на „Хелен Дорон”- центрите, што во новата школска година им овозможија на децата да се запознаат со програмата стара 25 години, која според моите сознанија, е навистина интересна и ефикасна. Она што со сигурност можам да го потврдам, е дека децата нема да пропуштат ниту еден час бидејќи музичките дискови од програмата веќе се слушаат кај нас. Децата се навистина среќни, а за мене како Директор, тоа е навистина значајно, изјави Ристенка Атанасовска, Директор на Домот за деца без родителска грижа „11 Октомври”.
Донацијата беше направена во пресрет на уписите во Центрите „Хелен Дорон”, кои ги има во Скопје, Битола, Струмица и Радовиш.
-Центрите „Хелен Дорон” не се класичен центар за изучување на англиски јазик, па затоа и начинот на промоција е насочен кон запознавање на што повеќе деца со бенефитите на програмата. Оваа донација е наша желба веќе подолг период, па ни претставува особена чест што токму во пресрет на новата учебна година на Центрите, наши ученици ќе бидат и децата од Домот за деца „11 Октомври”. Убедени сме дека програмата ќе им се допадне, а воедно и ќе ги видат придобивките од истата – учење на англискиот јазик и негова употреба на исто ниво како македонскиот јазик. Ова е програма за создавање на „деца на иднината” и сме многу среќни што децата од Домот ќе бидат дел од неа, изјавија Валентина Динева, сопственик на „Хелен Дорон” за Република Македонија.
Со оваа донација, отпочна кампањата за промоција на оваа уникатна програма за изучување на англискиот јазик. Сопствениците на „Хелен Дорон” го најавија и караванот со демо часови, кој ќе посети повеќе градови во Република Македонија, а започнува утре на Детски ЗОО Фест кој се одржува во Зоолошката градина во Скопје, со почеток од 11 часот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа