Ноќни трки низ Скопје - Страв и немање сон!
Иако дивите трки низ улиците на главниот град постојат со години, надлежните се уште немаат решение за овој проблем.
Гласното бучење и чкрипење по улиците во доцните вечерни часови е секојдневје на скопјани. Љубителите на брзото возење многу често пробуваат колку најбрзо можат да одат нивните миленици. Но, ваквите трки со автомобили и особено со мотори на градските сообраќајници, станаа голем проблем бидејќи траат со години наназад, а градските власти и полицијата никако да изнајдат решение.
Граѓаните кои не можат да спијат навечер од силната бучава од моторите и од чкрипењето на гумите, тврдат дека оваа појава е особено честа во летниот период и за време на викендите. Покрај вревата што ја создаваат, тркачите претставуваат и сериозна закана за безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Иако трки има насекаде низ улиците, тие се најинтензивни во населбите Карпош 4 кај Сити мол, Карпош 3 на 8 Септември и по целата должина на булеварот Партизански одреди
Чкрипењето на гумите не буди од сон. Оваа бучава е неподнослива, особено во лето кога времето е топло и прозорците се ширум отворени. Надлежните мора да преземат нешто и да го решат овој проблем еднаш засекогаш“, револтирано вели Раде од Карпош 4.
За решавање на проблемот со трките во доцните вечерни часови, одговор од градоначалникот Коце Трајановски побараа советниците на СДСМ на последната седница на градскиот Совет. Тие побараа Трајановски заедно со полицијата итно да изнајдат решение за целосно сузбивање на оваа појава која се' почесто се случува во различни делови на Скопје. Опозициските советници сметаат дека со тоа што долго време не изнаоѓа решение на проблемот, фрла сомнеж дека можеби некој ги штити дивите моторџии.
Градоначалникот потенцираше дека тој заедно со полицијата на нивните средби постојано го отвораат ова прашање и дека и понатаму ќе инсистира кај надлежните тоа да се реши.
Од СВР Скопје објаснуваат дека иако има трки низ градот, ретко кога на нивна адреса стигнуваат пријави и поплаки од граѓаните за тоа.
МВР има постојани сообраќајни контроли на улиците во градот, но излегуваме на терен и по секоја пријава од граѓанин. Сепак, нема многу пријави од граѓани кои се жалат од бучавата која ја создаваат учесниците во трките, објаснува Лиза Бендевска од СВР Скопје.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа