Словенечкиот состав „Брина“ вечерва на ОФФест

 

По Анушка Шанкар, Таксим трио и „Биоскопиа“, на ОФФест вечер настапува словенечкиот состав „Брина“. Концертот ќе се одржи во киното Фросина.

Формиран во 2003 година, бендот што го предводи талентираната и меѓународно етаблирана пејачка Брина Вогелник, црпи мотиви од традиционалната музика. Но, од неодамна, во репертоарот преовладуваат оригиналните композиции. Првите два албума „Mlado leto” (2004) и „Pasja legenda” (2006), оставија силен печат на глобалната мапа на т.н. музика на светот. Во 2011-та, по пауза од седум години, „Брина“ се враќа со нов албум, „Slečena koža“ кој содржи десет композиции од кои неколку се авторски. Бендот соработува со продуцентот Крис Екман, член на The Walkabouts и Dirt Music и продуцент на албумите на Tamikrest и Лоби Траоре.

Утре на ОФФест во МОБ се експлозивните Ондатропика и моќната, хипнотичка мароканско-сенегалска комбинација Азиз Самауи и University of Gnawa.

Азиз Самауи е музичар и вокалист познат по својата работа со легендарниот бенд Orchestre National de Barbes, како и по соработката со џез-фјужн легендата Џо Завинул. Роден во Маракеш, Самауи почнал да се занимава со музика уште од седумгодишна возраст. Својот прв професионален бенд го формирал на 14 години. “University of Gnawa” е неговиот прв соло албум со кој стекна пофалби и признанија од критиката. Поимот Gnawa се однесува на традиционалниот транс и исцелителската музика од граничниот регион помеѓу Мароко и Алжир, но неговите корени може да се најдат и во Сенегал, Гамбија и Мали.  

 

Фестивалот се затвора во четврток, со настап на Кимо Похјонен од Финска кој е познат по својата денс, театарска и авангардна музика, по бескомпромисната моќ и оригиналност. 

најчитано сега