Пуштена во употреба катната гаража „Солунски конгрес“
Првата автоматизирана катна гаража „Солунски конгрес“ денеска, по повод Денот на независноста 8 Септември, свечено беше пуштена во употреба во центарот на Скопје, во близина на а.д. МЕПСО.
Гаражата има едно подземно ниво, едно полуниво и девет ката, со вкупен капацитет за паркирање на 280 возила. Инвестицијата е околу 5,5 милиони евра. Инвеститор е АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење на Републиката-Скопје, проектант ГМС Проект-Скопје, изведувач на градежните работи Гранит-Скопје, а на машинскиот дел и роботиката Електро Скопје.
Во новата гаража е вградена најсовремена технологија за автоматско паркирање, со влезно-излезен терминал, терминал за предавање на возилото, наплатен терминал, информативен систем, следење на процесот на преземање на возилото и идентификација за слободен лифт. Покрај паркирање, во објектот има и други содржини - кафе-ресторан во приземјето и ресторан-видиковец во поткровјето, со вкупна површина од 1.283 метри квадратни.
- Вистинско ремек-дело на градежништвото и технологијата, спој на идеи и на иновации. Главниот град расте, и во бројот на жители и во големина, се повеќе возила се возат низ улиците, се повеќе туристи го посетуваат Скопје и потребна е соодветна инфраструктура за сите овие возила да бидат уредно и прописно паркирани, рече премиерот Никола Груевски на отворањето на новиот објект.
Истакна дека во изминатите години заедно со оваа се изградени вкупно девет катни гаражи, од државата и од приватни компании. Претходната беше отворена пред еден месец (Разловечко востание).
- Беа изградени осум катни гаражи со вкупен капацитет од 2.560 паркинг-места. Денес ја пуштаме во употреба деветтата, три катни гаражи се уште се во градба со вкупен паркинг-простор од 1.172 места и во наредниот период се планирани за изградба уште седум гаражи со простор од околу 1.600 паркинг-места, дел државни или општински, дел приватни, рече Груевски.
Соопшти дека за најмногу две години би требало да се заокружи проектот за изградба на катни и подземни гаражи во Скопје. За околу месец и пол се планира отворање на катната гаража „Тодор Александров“, наспроти новиот објект на Министерството за финансии и дека остануваат катните гаражи кај Музејот на ВМРО и Музејот на холкаустот.
При крај е и подземната гаража кај МОБ, зад новиот објект на Јавното обвинителство и МНР, со капацитет за околу 600 возила. Подземна гаража, додаде Груевски, ќе се гради и кај Собранието на РМ со приватна инвестиција.
Премиерот истакна дека им помагаат и на приватните инвеститори кои сакаат да градат катни гаражи и кои купиле локации. Со тоа, како што рече, се реализира идејата од пред три години, да се реши проблмот со паркирање во центарот на Скопје каде секојдневно застануваат најмногу возила и да не се загрозуваа безбедноста на сообраќајот. Катни гаражи се градат и во други општини, Прилеп има, а размислуваат и други општини. Тоа е тренд, рече Груевски, што треба да се поддржи.
Директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење на Републиката-Скопје Цветко Грозданов рече дека ваков интелигентен и, пред се, еколошки тип на паркинг е редок и на Балканот и во Југоситочна Европа.
- На овој паркинг на граѓаните ќе им се гарантира стопроцентна сигурност на возилото, рече Грозданов. Информираше дека цената за паркирање во „Солунски конгрес“ ќе биде 40 денари за првиот час, 30 денари за вториот час и 20 денари за секој нареден час.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа