Фрчат кривични, се затвораат складови - во акцијата „Гора“ запленети над 1000 кубни метри огревно дрво

 

Од крајот на јуни годинава до сега запленети се над 1.000 кубни метри огревно дрво, или по три камиона дневно. Ова се ефектите од почетокот на акцијата „Гора“ чија цел има сузбивање на криминалот поврзан со нелегална сеча на дрва, пишува Лидер.

Досега се извршени контроли во 245 легални складови за огревно дрво ширум земјата при што 49 складови се затворени. А, исто така, извршена е контрола на 31 правно лице лиценцирани за издавање одобренија за сеча на приватна шума, при што кај 21 субјект биле утврдени неправилности во работењето.

Ова денеска го соопшти министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска сублимирајќи ги досегашните ефекти од акцијата “Гора“. Акција којашто МВР во содејство со Државниот инспекторат за шумарство, Државниот пазарен инспекторат, Државниот трудов инспекторат и Управата за јавни приходи ја спроведува од крајот на јуни годинава. Притоа, Јанкулоска посочи дека досега се поднесени 10 кривични пријави (“кражба“, “фалсификување исправа“, “даночно затајување“, “злоупотреба на службена положба и овластување“ и “несовесно работење во службата“), како и 167 прекршоци – (поднесени против прекршителите од страна на повеќе институции – ДПИ, УЈП, МВР, Шумска полиција, Државен имнспекторат за труд и инспекторатот за шумарство и ловство).

Инаку, од вкупно контролираните складови статистички гледано по Сектори за внатрешни работи најмногу акциски контроли се извршени на подрачјата на СВР Скопје – 43, СВР Штип – 39, СВР Тетово – 30, СВР Велес – 29, СВР Охрид – 27, СВР Струмица-27, СВР Куманово – 26 и СВР Битола – 24 објекти. Од контролите пак на правни лица лиценцирани за издавање одобренија за сеча на приватна шума (31) констатирано е дека 21 правно лице работеле спротивни на законските прописи и тоа најмногу на подрачјето на СВР Штип – седум, СВР Охрид – пет по четири на подрачјата на СВР Скопје и СВР Куманово и едно правно лице на подрачјето на СВР Тетово.

При контролите на складовите со дрва досега евидентирани се 167 прекршоци (од страна на Државниот пазарен инспекторат – 94 прекршоци, од страна на УЈП – 65 прекршоци, од страна на Државен инспекторат за труд – три прекршоци, од страна на Државен инспекторат за шумарство и ловство – три прекршоци, и по еден прекршок од Министерството за внатрешни работи и од Шумска полиција). А пак од страна на МВР документирани се пет кривични пријави за сторени три кривични дела кражба, две кривични дела “фалсификување исправа“ и едно кривично дело „даночно затајување“, против пет лица.

Покрај ова во рамките на секојдневното работење дополнително се документирани пет кривични дела, од кои три кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и две кривични дела „несовесно работење во служба“.Притоа, СВР Тетово документираше злоупотреби вршени од четворица вработени во шумска полиција и еден инспектор за шумарство кои неовластено вратиле околу 95 метри кубни дрва, кои предходно полицијата ги одзеде во акциската контрола на 24.06.2014 год., СВР Велес откри несовесно работење на тројца магационери во ЈП Македонски шуми“ кои дозволиле незконско продавање на дрвна маса во вредност од околу 72.000 евра, додека СВР Куманово мерки на кривичен прогон перзеде против директорот на подружницата на Македонски шуми во Куманово, поради незаконско присвојување на 6.500 евра од благајната на претпријатието и огревно дрво во вредност од 1.500 евра. Инаку вредноста на досега запленетите огревни дрва е проценета на над 36.000 евра.

31.08.2014 - 14:11
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега