Заев: Му благодарам на Црвенковски

Денеска, на првиот ден по вчерашниот историски конгрес на СДСМ, чувствувам потреба уште еднаш, искрено да им се заблагодарам на сите членови, делегати и на досегашното раководство на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија за демонстрираното ниво на политичка зрелост, култура и прагматизам изразени во деновите на подготовка и вчера, на денот на одржување на Конгресот. Длабоко верував и постојано потенцирав дека СДСМ низ оваа изборна процедура испишува нови репери, критериуми и вредности во политичкото делување во Македонија. Вчера тоа се потврди на најдобар можен начин.

Желбите, надежите, очекувањата на нашите противници и нивните медиумски пропагатори за неуспех, кавги и поделби во партијата за наша среќа, а на нивна огромна фрустрација, се покажаа како тотална заблуда и целосно промашена проценка. Од овој конгрес СДСМ излегува гордо и достоинствено. Обединет, моќен,
триумфален. Овој наш славенички момент што сите го заслуживме е вовед во серијата успеси што следуваат. Свесен сум дека веќе од денес не чека многу работа. Сурова и исцрпувачка битка со режимот на ВМРО-ДПМНЕ.

Јас ѝ го ветив враќањето на победничкиот менталитет на мојата партија. Дојде ред ветувањето да го исполнам. Од денес започнува поразот на ВМРО-ДПМНЕ и демаскирање на политиките на Груевски. Многу брзо ќе се радуваме на успесите.

Сакам во оваа прилика, уште еднаш, како еден од неговите најблиски соработници, да изразам почит и да му се заблагодарам на нашиот досегашен претседател Бранко Црвенковски за сѐ што во изминативе години направи за партијата. Неговата мудрост и искуство секогаш ќе бидат од огромна корист за СДСМ во годините и предизвиците што претстојат.

 

До вас, почитувани членови на СДСМ. Од срце ви порачувам. Огромна чест, задоволство, но и одговорност е за мене што сум ваш претседател. Ајде одново, со елан и полн капацитет да се вложиме сите заедно. За победнички СДСМ, за просперитетна Македонија.

(Интегрален текст од обраќање на Зоран Заев, Претседател на СДСМ)

најчитано сега