Спортскиот храм „Јане Сандански“ ги отвара портите
Друштвото за спорт и рекреација - Спортски центар „Јане Сандански“ и хотелот „Русија“ што се наоѓаат во Општина Аеродром, денеска свечено ќе ги отворат портите и ќе блеснат во полн сјај.
На отворањето најавено е присуство и обраќање на премиерот Никола Груевски, инвеститорот на објектот Сергеј Самсоненко, градоначалникот на Општина Аеродром Ивица Коневски, генералниот менаџер на Спортскиот центар Надица Димовска и гереналниот менаџер на хотелот „Русија“ Дина Муцунска.
Ќе биде пуштена во употреба арената, односно централната сала со капацитет од 6.500 посетители, како и хотелот „Русија“, а ќе се отвори и помошната спортска сала за кошарка и ракомет со капацитет од 1.500 посетители, како и конгресниот центар.
Во процесот на изградба на Спортскиот центар учествуваа над 60 македонски компании, пет странски, како и околу 1.600 работници, а целиот проект беше завршен за 16 месеци.
Хотелот „Русија“ ќе располага со 61 соба и апартмани, од кои еден претседателски апартман, шест „супериор“, 28 еднокреветни соби, 12 „твин“ и 14 „дабл“ соби. Хотелот ќе содржи спа центар и руф бар.
Проектот е изграден со јавно приватно партнерство на компанијата на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко и Општина Аеродром.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа