Македонија загуби на гостувањето во Белгија
Македонската кошаркарска репрезентација го доживеа првиот пораз во квалификациите за Европското првенство 2015. На гостувањето кај Белгија синоќа Македонија загуби со 63:60 (12-11, 21-12, 17-19, 13-18). И покрај поразот нашата репрезентација има реални шанси за пласман на Евробаскетот 2015 и потребно е да се совладаат селекциите на Данска и на Белорусија во Скопје.
Македонија добро го почна натпреварот и противникот беше тој што беше во негатива. Во таква ситуација нашите кошаркари имаа предност до финишот на првиот период. Сепак Белгија успеа да поведе, а во вториот период и го зголеми водство, кое на полувремето беше десет разлика (33:23).
Во вториот дел македонските кошаркари имаа нешто подобар шут за три поени и успеаја да го намалат водството на домаќинот, но грешките и понатму беа присутни во играта на избраниците на селекторот Александар Џикиќ. Во 35.минута Македонија се доближи и на еден негатива (52:51), но немаше сили за пресврт како во Скопје со истиот ривал.
Белгија во завршницата ја зачува предноста и дојде до третата победа исто колку што има и Македонија. Во составот на Македонија Ричaрд Хендрикс со 14 поени и истотолку скокови беше најефикасен, додека кај Белгија Максим Де Зеув имаше 13 поени, а Алекс Ервеле 11 поени и 10 скокови. Македонија направи вкупно 25 грешки, додека Белгија имаше 16.
На вториот натпревар од Д групата Белорусија ја победи Данска на гости со 73:66.
На табелата Македонија и Белгија имаат по 7 бодови, Белорусија 6, Данска 4.
Следниот натпревар Македонија го игра на 24.август (недела) во Скопје против Данска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа