Кога иронијата ќе завладее, љубовта ќе исчезне- поучна приказна која вреди да се прочита
На почетокот на светот, во срцето на луѓето имаше место за сите нешта, секое нешто си имаше свое точно определено место и луѓето никогаш не мораа да трагаат и бараат нови нешта.
Сè беше неверојатно удобно, па на моменти се чинеше дека светот е не само удобен, туку ужасно удобен.
Животот под Сонцето беше безбеден и сигурен.
За да си го направат животот поинтересен, луѓето почнаа да смислуваат игри. Ја протераа љубовта далеку во дождовните шуми, ја сместија среќата високо на планинските врвови. Задоволството го потопија на дното на морето, а она што животот го правеше исполнет го закопаа во пустината.
Потоа, луѓето почнаа да носат маски, постојано да ги менуваат и да ставаат маска врз маска, сè додека не дојдоа до ситуација да не знаат кои се, да не се препознаваат себеси, а ни другите.
Токму тогаш се појавија писатели кои почнаа да пишуваат за себеоткривањето, смислата на животот, вистинската љубов и среќа. Луѓето тргнаа во потрага по овие нешта.
Во меѓувреме, љубовта стана осамена во дождовните шуми, среќата не можеше да ја издржи височината, а задоволството и исполнетоста не најдоа радост во морето и пустината. Сите тие тргнаа дома, кај луѓето, со своите резервни клучеви ги отворија вратите на човековите срца, но никој не го забележа нивното враќање. Луѓето беа заслепени од потрагата по љубов, радост и среќа, одеа низ шумите и пустините, се качуваа на планини и пловеа по морињата во потрага по она кое веќе го имаа во себе, но не можеа да го видат.
Токму тогаш иронијата завладеа со светот, заземајќи го местото на љубовта. За да биде уште полошо, таа и денес владее.
Светот одеше напред, технологијата се развиваше, луѓето немаа потреба да се дружат и зборуваат, праќаа брзи електронски пораки и за тајната на животот го прашуваа Google, кој секогаш одговара многу побрзо од било кој, па дури и од Бог.
Животот стана побрз, а луѓето сè поуморни и понесреќни, и до ден денешен само малкумина успеаја да ја најдат смислата.
Можеби еден ден и другите ќе се сетат на убавината и среќата која доаѓа од едноставноста. Можеби ќе ја отворат вратата за љубовта да ги прегрне, среќата да ги покани на шолја чај, а задоволството удобно да ги смести покрај огништето.
Тој ден љубовта ќе ја победи иронијата и сите нешта повторно ќе го најдат своето вистинско место, токму како на почетокот на светот…
Извор: Попара
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа