Сезоната пропаѓа охриѓани тврдат: Не е скапо скопјаните ни прават лош маркетинг

Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески вчера свика вонредна седница на Локалниот економски совет во проширен состав, посветена на актуелната туристичка сезона и појавите на необјективно и тенденциозно известување во некои медиуми за лоша сезона или превисоки цени на услугите.

На состанокот во проширен состав присустуваа и претставници на сите субјекти од градот кои учествуваат во креирањето на вкупната туристичка понуда во Охрид, претставници на медиумите, на ХОТАМ, на Националниот комитет за туризам, од угостителскиот еснаф, концесионери на плажи.

- Цел беше да се ги слушнеме нивните размислувања по однос на обидите за креирање лош имиџ за туристичката понуда и одредеување мерки за подобрување на имиџот на градот, како и за објективно прикажување на туристичките показатели – на услугите односно понудата на Охрид како најпозната туристичка дестинација во земјата, истакна Бакрачески.

Тој нагласи дека општ впечаток на учесниците на состанокот е дека обидите за нарушување на имиџот на Охрид, за превисоки цени и некакви аномалии во туристичката понуда, се најблаго речено необјективни и не соодветствуваат на реалноста.

Бакрачески пренесе дека експертите од областа на туризмот се согласни оти цените на услугите во Охрид се прифатливи за секој џеб, зависно профилот на гостите, како и на веќе забележителниот растечки број странски гости во градот и тренд на пад на бројот домашни гости кои летуваат тука.

- Од средбата очекувам да произлезат корисни заклучоци, во насока на подобрување на имиџот на Охрид. Тука сме заедно со експертите од областа на туризмот да формираме заклучоци, за да се извлечат препораки за тоа како угостителите да работат во иднина, никако да се мешаме во некакво формирање на цените, истакна Бакрачески.

Негово уверување е дека со изградбата на автопатот кон Кичево и преку воспостаување регуларни летови до Охридскиот аеродром преку целата година, ќе се придонесе за екстензија на сезоната, нејзино продолжување надвор од вообичаениот шпиц лимитиран само на летниот период.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески смета дека на Охрид му е потребна посебна стратегија за развоен туризам, базирана врз факти, аргументи, а градот реално да ги дефинира своите туристички потенцијали бидејќи според него, само на таков начин ќе ги најде вистинските одговори каде ќе се движи турзимот.

Азески истакна дека автопатското поврзување на градот, постоењето современ аеродром, субвенционирање на туризмот, придонесуваат за подобрување на состојбите во туризмот, но независно тоа, мора да се работи на унапредувањето на состојбите.

- Реалноста е да се зборува за нешто што можеме да оствариме со постоечката инфрастеруктура. Никогаш туризмот не учествувал со повеќе од десет проценти во вкупниот бруто производ на градот. Ако сакаме да постигнеме нешто повеќе, треба значајна и силна стратегија...Она што се случува тука е последиуца веријатно и на долгата криза, финансиската исцрпеност на балканските земји, најсериозното прашање е со што Охрид може да конкурира на седумте мориња околу нас кои преку изградена инфраструктура стануваат се подостапни до туристите, изјави Азески.

Негова оценка е дека треба да се работи на понуда на културен, рекреативен, здравствен туризам, да се земат сериозно севкупните околности на Балканот и во Европа и Охрид да почне да ги афмирмира позитивните примери кои ги поседува.

- Хотелите се реконструирани, има убави плажи, одлично средено централно градско подрачје, огромно културно наследство кое доживува реафирмација. Мислам дека Охрид ги исполнува стандардите за сериозен центар кој може да ги сервисира туристите на мошне високо ниво, но не мислам дека е главниот туристички центар кој ќе се носи со обидите да се наметне како дестинација за масовен туризам каков што беше забележан изминатите години, забележа тој.

Азески уште укажа на потребата најоптимално да се искористат сите потенцијали, да се увидат можностите, да се утврдат приоритетите и да се изготви стратегија за развој на туризмот, и тоа не само на локално туку и на национално ниво.

- Веќе од први септември да се отпочне реална расправа по тоа прашање. Не треба да ги подигнуваме очувањата премногу високо, треба да се види објективниот потенцијал, да се осмисли стратегија и на тој начин на приватниот сектор да му се дадат некакви перспективи за во иднина, базирани врз реалноста, забележа Азески.

Став на експертите е дека покрај мерките и разработување стратегија за во иднина, да се преземат и некои итни мерки, и тоа веднаш, како воведување т.н. „happy hour“ кај угостителските објекти, додека кај хотелите да се работи на зголемување на просечниот број денови на престој, со понуда за пониски цени или гратис ноќевања за продолжен престој, додека истовремено туристичките агенции да работат на привлекување туристи од државите кон кои веќе оперираат субвенционирани евтини авиокомпании. 

25.07.2014 - 12:43
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега