Новитети на 53. издание на Струшките вечери на поезијата

Директорот на Струшките вечери на поезијата, Мите Стефоски, информираше дека подготовките за годинешното 53. издание се во завршна фаза. Тој ја најави неделата на поетски филмови и летниот саем на книгата што ќе се одржуваат пред почетокот на манифестацијата. 

- Во неделата на поетски филмови ќе бидат прикажани разни мултимедијални, документарни филмови посветени на поезијата или поврзани со Струшките вечери на поезијата. Ќе биде отворен и саем на книгата, кој ќе ја промовира целокупната поетска продукција во Македонија во изминатите неколку години, а ќе бидат презентирани и изданијата на СВП, изјави Стефоски.

Што се однесува на програмските измени, тој нагласи дека секоја година ќе има по некој новитет со цел привлекување на нова публика. Новитет ќе бидат и значајните приредби приредени во ноќните часови, кога во рамки на „Ноќите без интерпункција“ ќе настапат значајни мултимедијални уметници од светот.

- Со тоа даваме простор и на другите поетски и интермедијални изрази да бидат присутни во рамки на фестивалот. Се потрудивме достојно во рамки на овогодинашното издание да биде претставена и македонската поезија со цел поширока перцепција на нашите книжевни вредности во светот. Тоа дополнително ќе го овозможи и присуството на значајни странски издавачи, директори и организатори на поетски фестивали со кои ќе биде организирана една посебна средба во рамки на нашата меѓународна соработка, а кои ќе овозможат македонската поезија и нејзина афирмација во светски рамки да биде што позабележителна, подвлече Стефоски.

Тој најави визуелни промени на фестивалот како и промена на локациите.

- Некои од знчајните приредби на СВП ќе добијат ново визуелно преобликување, ќе бидат на различни локации, со што веруваме дека ќе го привлечеме интересот на пошироката публика. СВП во рамки на својата програма овозможуваат значајно претставување и на младата македонска поезија, нешто што беше карактеристика и во минатото со што покрај значајните светски автори, кои оваа година ќе ни бидат претставени ќе биде претставена и македонската книжевност, односно македонската поезија на соодветен начин, рече Стефоски.

Свеченото отварање на педесет и третото издание на Струшките вечери на пезијата е на 21 август со традиционалното читање на „Т’га за југ“ од Константин Миладинов и палење на фестивалскиот оган. Во недела на 24 август на завршната манифестацијата „Мостови“ на годинашниот лауреат Јужнокорејскиот поет Ко Ун ќе му биде врачена престижната награда „Златен венец“.

 

25.07.2014 - 12:03
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега