Посетата на Нимиц топ тема во грчките медиуми - еве што пишуваат

Медијаторот Метју Нимиц нема да донесе никаков нов предлог во преговорите при неговата посета на Скопје и Атина наредната недела, пишува електронското издание на „Катимерини“. Весникот ја пренесува изјавата на Нимиц за програма „Гласот на народот“ дека очекува голем напредок на средбите со државниот врв во Скопје и Атина.

- Сепак Нимиц не носи некој нов предлог во преговорите. Грчкото Министерство за надворешни работи нема таква слика, а слична атмосфера пренесуваат и медиумите од Скопје. Министерот за надворешни работи Никола Попоски вчера на прес-конференција на прашање дали очекува нов предлог на специјалниот пратеник на Генералниот секретар Нимиц, одговори дека нема најава за такво нешто“, пишува „Катимерини“, пренесува МИА.

Весникот додава дека Попоски „ја нападна Атина, припишувајќи и недостиг на политичка волја за решавање на прашањето за името“.

Под наслов „Македонија: Грција сака да го избегне прашањето за името“, „Елефтеротипија“ пишува дека шефот на македонската дипломатија изразил песимизам за изнаоѓање решение за прашањето за името. - „Попоски: Наскоро нема да има решение на прашањето за името“, пишува „Етнос“ додавајќи дека министерот ги повтори ставовите на македонската Влада „оти грчката страна го насочила целото свое внимание кон економската криза, и нема волја за изнаоѓање решение за проблемот со името“.

„Катимерини“ додава дека министерот Попоски „побарал дури и поактивно вклучување на клучните членки на НАТО и на ЕУ во процесот на изнаоѓање решение“.

- Ова барање на Скопје  доаѓа по изјавите на Меркел за нејзиното ангажирање во дебатата за прашањето за името“, заклучува провладиниот весник.

25.07.2014 - 09:47
Фото: 
лидер
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега