Продолжува легализацијата на дивоградби во Кисела Вода
Општина Кисела Вода додели нови решенија за легализација на дивоградби. Бројот на решени предмети достигна 2.917.
Градоначалничката на Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ ја истакна важноста на процесот на легализација и бенефитот што граѓаните и општината ќе го имаат од него.
-Заокружување на процесот на легализација ќе биде заеднички успех. На овој начин и жителите на општината кои во овој момент поседуваат дивоградба, заедно со општината, ќе можат да делуваат во насока на рамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот и создавање услови за хумано живеење и работа. Со новите детални урбанистички планови, кои на овој начин ќе можат да бидат донесени, на граѓаните и бизнис заедницата им даваме шанса за изградба на нови објекти и проширување и реконструкција на постоечките. Само на тој начин ќе придонесеме за успешен развој на нашата општина, истакна Беличанец Алексиќ.
Општината информира за 3.872 поднесени предмети без геодетски елаборат. Владата одлучи да го продолжи рокот за доставување на документите до крајот на следната година, но градоначалничката апелира да не се чека до последен момент и да и се овозможи на општинската администрација да работи на решавање на предметите, што е можно само со комплетна документација.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа