Организирале филмски грабеж: Притвор за разбојниците кои ја испразнија поштата во Буковиќ

МВР го расчисти  разбојништвото кое минатиот вторник беше извршено во поштата во село Буковиќ. За кривичното дело се товарат пет лица на возраст од 22 до 36 години од кои три лица од село Семениште, едно од Сарај и едно од Черкези – кумановско. На сите петмина им е одредена мерка притвор во времетраење од 30 дена. Еден од осомничените е полициски службеник кој во моментов работи во Полициската станица од општа надлежност Карпош. Петмината ќе одговараат за грабежот тежок околу 1.108.156.00 денари.

На 8. јули, околу 10.00 часот петмината разбојници, со автомобилот „Фолксваген Пасат“ кој му припаѓал на еден од нив се упатиле во с.Буковиќ кон експозитурата на АД Македонска Пошта. Еден од разбојниците го управувал возилото  на кое му ги извадиле табличките, а со него биле полицаецот и уште едно лице кои седеле на задното седиште вооружени со автоматска пушка и пиштол. Петтото лице, со „Голф 3“ се паркирало на стариот пат Скопје-Тетово, помеѓу селата Семениште и Буковиќ, со цел да го извидува патот и да чува стража.

-Откако стигнале во близината на експозитурата од возилото излегле второ и третоприваените вооружени со автоматска пушка и пиштол, ставиле капи – фантомки на главите со отвори за очите и устата, ракавици на рацете и влегле во поштата, каде во моментот биле само тројца од вработените. Пријавените го впериле оружјето кон нив и им наредиле да ги кренат рацете, заканувајќи се дека ќе им пукаат во нозете. Потоа влегле во работниот простор зад необезбедениот шалтерски пулт, а од таму во работната просторија зад шалтерскиот дел при што  му наредиле  на благајникот да ја отклучи и да ја отвори уредно затворената и заклучена дводелна метална каса којашто се наоѓала во просторијата. Тој ја отклучил и ја отворил вратата од каде што второпријавениот одзел околу 1.000,000,00 денари, кои биле наредени по апоени и биле во хартиени држачи-пачки за пари со логото на Народна Банка на РМ и на Поштенска Банка. Во исто време третопријавениот во фиоката во шалтерскиот пулт која ја користи благајникот, пронашол и одзел околу 108.156,00 денари и сите пари ги ставиле во една вреќа,  која ја пронашле во просторијата. Во тој момент, до влезната врата од експозитурата дошло лице-пензионер од с. Буковиќ кој што сакал да влезе внатре и да подигне пари од пензија меѓутоа бил забележан и под закана му наредиле и тој да влезе во помошната просторија каде што биле затворени  тројцата вработени, стои во соопштението од МВР.

Откако ги зеле парите, разбојниците се качиле во Пасатот и се упатиле кон излезот од Буковиќ, на стариот пат Скопје-Тетово каде ги чекал петтопријавениот со Голф 3. Осомничените се префрлиле во возилото и сите заминале во селото Семениште, во старата куќа на првопријавениот, каде зад куќата ги запалиле торбата во која ги изнеле парите од поштата, капите фантомки и ракавиците, а потоа откако ги поделиле украдените пари пред куќата ги запалиле и хартиените држачи-пачки за пари со логото на Народна Банка на РМ и на Поштенска Банка.

Откако си ги поделиле парите, четвртопријавениот си ги ставил вистинските таблички на „Пасатот“ и си заминал во Куманово. Останатите си заминале во своите домови со својот дел од парите.

-Веднаш по пријавата, од страна на Полициските службеници од отсекот за разбојништва беа превземени сите неопходни мерки и активности за расчистување на делото. Од страна на полициски службеници од СВР Куманово,  ПМВ марка „Фолксваген Пасат“ е одземено со потврда за привремено одземени предмети. Со наредба издадена од Судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје извршен е претрес на домовите на пријавените и притоа се пронајдени и со потврда за привремено одземени предмети се одземени опожарени хартиени држачи- пачки на пари(со логото на Народна Банка на РМ и на Поштенска Банка), дел од леплива трака со натпис „Кодинг“, дрвен кундак од автоматско оружје, една рамка за автоматска пушка,  8 куршуми  кал.7,62 мм за автоматска пушка, опожарен материјал со сина боја,  еден пиштол марка „ЦЗ“ со бр.77437(службен пиштол сопственост на МВР на РМ), две рамки за пиштол, (30)триесет куршуми  кал. 9 мм, опасач со пендрак и лисици,  една сивкаста јакна со црна трака „Nautex Jeans“,шест мобилни телефони разни марки , еден пластичен пиштол „М9- П Beretta“, 15 ( петнаесет ) пластични кутии од СИМ картички со телефонски броеви, информира МВР.

Четврттопријавениот бил приведен во СВР Куманово и тој си заработил кривична пријава за сторено „разбојништво“ и 30 дневен притвор. Со него бил извршен разговор, во кој тој ги открил задачите кои ги имал секој од разбојниците.

-Поголем дел од пријавените и претходно се познати на полицијата, а од страна на судовите им се изрекувани и затворски казни за сторени кривични дела „Учество во тепачка“, „Насилство“, „Тешка кражба“ и „Недозволена трговија со оружје“. Лицето од Куманово во 2009 година со помош на Интерпол било уапсено и во Осло-Норвешка, поради основано сомнение за недозволена трговија со наркотици, соопштуваат од МВР.

МВР, стои во соопштението, ќе продолжи да работи на расчистување и на други дела сторени од оваа криминална група.

15.07.2014 - 14:04
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега