Зголемена наплатата на данок на имот во Скопје за 35 отсто

 

Наплатата на данокот на имот, изготвувањето на единствена програма за поставување урбана опрема за подрачјето на целиот град, како и процесот на подготовка на регулациски планови, беа темите на денешната седница на Координативното тело на градоначалници на скопските општини.

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски ги запознал градоначалниците за процесот на наплата на данокот за имот, каде е евидентирано зголемување на процентот на наплата во однос на истиот период од минатата година.

- Процентот на наплатата на данокот на имот до крајот на месец јуни, во споредба со истиот период во 2013 година, е зголемен за 35 отсто. Координативното тело на денешната седница покрај за наплатата дискутираше и за зголемувањето на евиденција на данок имот, затоа што сеуште постојат домаќинства и субјекти кои не го пријавиле данокот на имот. Дискутиравме за модалитетите како тоа да се направи, како и за евиденцијата на градежното земјиште на индивидуалните куќи кое што исто така треба да се евидентира, за што ќе се одржи состанок и со претставниците на Министерството за транспорт и врски и Катастар на Скопје, рече Трајановски.

За втората точка градоначалникот појасни дека на следната седница на Советот ќе бидат донесени програмата за времени објекти за општините Центар и Гази Баба.

- Градот Скопје распиша тендер  и избра фирма што направи програма за поставување времени објекти. Таа програма беше доставена до општините за да ги дадат своите забелешки, за потоа да се вметнат во програмата. Таа постапка заврши со тие две општини и во понеделник на 14 јуни Советот ќе биде гласана на седницата на Советот на Град Скопје. Останатите опшини ветија дека до крајот на месецот ќе заврши усогласувањето на програмата за урбаната опрема, така да на следната седница на Советот која ќе биде при крајот на август ќе бидат донесени програмите за поставување на времени објекти во другите општини, истакна Трајановски.

Околу процесот на подготовка на регулациските планови, Трајановски го информирал Кординативното тело за постојаната динамика на носењето на истите, каде се очекува Советот на Град Скопје да носи во просек по 12 регулациски планови секој месец. Оваа динамика зависи и од добивањето на посебни ажурирани податоци за земјиштето од Катастарот, за што дополнително ќе се одржи состанок со претставници од оваа институција.

Покрај процесот на подготовка на регулационите планови на единаесеттото Координативното тело на градоначалници на Скопје се дискутираше и за можноста во летниот период, кога има зголемена опасност од пожари, да бидат ангажирани и волонтери од градскиот и општинските противпожарни сојузи.

- Овие волонтери ќе поминат соодветна стручна обука, ќе бидат опремени и за нивниот ангажман ќе добијат хонорари односно дневници од околу 1.000 денари, а на таа тема ќе се дискутира на посебен состанок со претставници на овие противпожарни сојузи, рече Трајановски.

11.07.2014 - 15:58
Фото: 
курир
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега